26/04/2024
Македонија

Прес-видеосесија КОВИД-19: Сите да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирус, на тој начин во мај ќе може да се олеснат рестрикциите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за здравство, Венко Филипче, денеска преку интернет прес-видеосесија, одговараа на актуелни прашања на медиумите и граѓаните за преземените мерки во врска со справување со здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот КОВИД-19.

Во рамки на прес-видеосесијата „КОВИД-19, Ретроспектива: коронавирус МК“ министерот Филипче за здравствените мерки и организацијата на здравствениот систем информираше дека исто како и сите земји во светот, се соочивме со една непозната болест, при што има многу малку информации за коронавирусот КОВИД-19 и за текот на болеста, без информации и претходни студиски истражувања како за други болести.

„Ние на почетокот преземавме мерки, кои не беа преземени во ниту една друга земја во нашиот регион, па дури ни во некои поголеми и поразвиени земји. Нашиот скрининг на аеродромот во Скопје беше поставен, кога никаде на друго место, ниту во Истанбул ниту во Брисел не беше поставен. Овие препораки и стратегијата ја црпевме од знаењето на Комисијата за заразни болести, кои имаат искуство од претходните епидемии“, рече министерот Филипче, кој подвлече дека Северна Македонија ги консолидираше сите институции и како што подвлече министерот преземениот интерсекторски, мултидисциплинарен пристап се покажа како најприфатлив и се покажа дека дава резултати понатаму.

Министерот Филипче додаде дека раниот почеток, на преземање мерки, уште од крајот на јануари, со скрининг на аеродромот во Скопје, помогна да се открие првиот случај на заболен од коронавирус, жената која допатува кон крајот на февруари од Италија и следеа конкретни мерки, се одредија здравствените институции, подготвени со медицински кадар и респираторни машни, кои ќе ги лекуваат пациентите.

„Го надградивме капацитетот на Инфективната клиника, со обезбедување на поголем број кревети, се дуплираше капацитетот со мобилната болница, поставена со помош на Министерството за одбрана, се направи систем на ротација на здравствените работници, анестезиолози и медицински сестри со искуство на интензивна нега и други институции. Втора институција која ги презема пациентите е болницата „8-ми Септември“ и сите овие превентивни мерки преземени на почетокот и мерките со кои ги надградувавме иницијалните мерки, како воведувањето на задолжителната рестрикција на движење на граѓаните и рестрикцијата на јавниот превоз, препораките да се обезбеди физичка дистанца, како една од главните мерки која дава резултати секаде во светот придонесоа да имаме линеарен пораст на пациенти, а не експоненцијален, дуплиран раст на пациенти, како Италија, Шпанија каде колабираше здравствениот систем“, подвлече министерот Филипче давајќи ретроспектива за преземените мерки во борбата со коронавирусот.

Тој подвлече дека сите мерки придонесоа, здравствените установи да можат да ги примаат сите пациенти кои се заболени од коронавирусот КОВИД-19 и да не се преполнети капацитетите на Инфективната клиника и останатите медицински установи, каде медицинските работници се ротираат. Филипче додаде дека позитивни резултати во справувањето со економско-здравствената криза придонесуваат и дополнителните мерки, ограничувањето на движење за време на викендите и дополнителните рестриктивни мерки за движење на загрозените категории од овој вирус, постарата популација, над 65 години и младите до 18 години, како група на граѓани кои вршат трансмисија на вирусот.

„Сметам дека овие мерки ќе дадат позитивни резултати и во наредниот период, и ќе придонесат на почетокот на мај, бројот на новодијагностицирани пациенти ќе се намалува и ќе бидеме во ситуација рестриктивните мерки да ги попуштаме“, рече Филипче.

Тој информираше дека на состанокот со претставници на Светската здравствена информација (СЗО), каде присуствувале над 150 земји и каде е констатирано дека сите земји од светот се соочуваат со ваков предизвик, донесен е заеднички заклучок дека оваа болест ќе донесе трајни промени не само во организацијата на животот, туку и промени во здравствените системи.

„Ќе биде ова период каде ќе треба да се одделат здравствените институции, едни само за третман со коронавирус, други за пациенти кои се негативни. Сето ова бара реорганизација, која ние веќе ја започнавме. Тоа значи матичните лекари да преземаат повеќе обврски, а болничките капацитети да се празни. Веќе сме спремни, да одиме во следната фаза, кога ќе се попуштаат рестриктивните мерки за ограничување на движење за да го издржиме и секундарниот удар на здравствениот систем“, рече Филипче. Тој упати апел до граѓаните дека најдобро е да се седи дома сега во овој период, за да како што истакна, по рестриктивните мерки, подоцна, за две недели, да може да се враќа животот во нормала.

„Нема да биде исто, ќе треба да се одржува физичка дистанца и во рестораните и во фабричките капацитети и кај патниците кои ќе патуваат во автобусите. Секаде во светот ќе биде исто“, заклучи министерот Филипче, кој рече дека сите мерки ќе продолжат да донесуваат позитивни резултати за успешно справување со кризата од коронавирусот.

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска подвлече дека за решавање на здравствената криза, со која се соочија земјите од целиот свет е потребно да се вклучат сите ресурси, целата Влада, за успешно справување со коронавирусот КОВИД-19, со поддршка на здравството и економијата.

„На сите им беше јасно, уште од првиот момент дека ќе биде потребно нов систем на работа и поделба на функциите за справување со кризата и ние уште со прогласувањето на вонредната состојба, од крајот на март имаме целосно мобилизирање на дополнителните армиски капацитети во справување со кризата и до денеска практично се зголемува ангажманот на Армијата, но функциите остануваат исти“, рече Шекеринска, која посочи дека тука спаѓа обезбедувањето на границите, заштита на критична инфраструктура и витални објекти и заштита на дипломатско-конзуларните претставништва и карантините, со што се овозможува полицискиот кадар да се насочи кон спроведување на мерките за справување со кризата.

Вицепремиерката Шекеринска објасни дека сите земји искористиле ист модел за справување со последиците од кризата, а тоа е искористување на капацитетите кои се чуваат како резерва.

Таа нагласи дека Армијата дава поддршка и на општините, во делот на дезинфекција, за обезбедување на функција на полската болница во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и информираше дека во последната недела во Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар, Струга, Охрид, Струмица, Куманово, Битола и Прилеп се распоредени армиски припадници, како поддршка на полицијата и на единиците на локалната самоуправа, а истото се разговара и со Велес, Кавадарци, Росоман и Гази Баба, со што се штедат останатите сили на другите институции.

„Како што ќе се менуваат, подобруваат мерките, така ќе се менува и армискиот ангажман, но очекувам зголемени барања од општините, околу спроведување на мерките и тоа го правиме исклучиво во координација со полицијата, а со министерот за здравство разговаравме и за вклучување на медицинскиот кадар од Армијата, како поддршка на јавните институции и следниот период ни претстои да ги искористиме можните НАТО линии, не само за поддршка на опрема и материјал, која веќе делумно ја добивме, туку и поддршка во поглед на транспорт, таму каде не може да пристапиме до одредени држави и региони, односно стратешки транспорт кој најчесто се користи за НАТО и како членка на Алијансата тоа можеме полесно да го искористиме“, рече Шекеринска за ангажманите на Армијата во наредниот период.

Детално за меѓународната помош и донациите, говореше заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, кој како координатор на странската помош на општинските штабови, рече дека сите земји беа затечени неподготвени во врска со кризата.

„Некаде во март, се формираше телото кое хоризонтално ги координира институциите, за да види кои се потребите на институциите кои се потенцијални донатори“, рече Османи додавајќи дека во првите денови од кризата и Европската Унија беше неподготвена, по кризата во Италија, кога донесе забрана за експорт на медицински материјали, како маски и респиратори за земји надвор од ЕУ, каде сме и од име на Владата, на 18-ти март испратил писмо до еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји со кои се бараше исклучок од оваа забрана на ЕУ за нашата земја, но и со барање за активирање на сите механизми за солидарност и помош од ЕУ и по добивањето на одлуката на нашата земја за почеток на преговорите ги стекнавме условите за пристап до европските фондови.

„ЕУ реално брзо реагираше, прво преку директната помош од четири милиони евра како ургентна помош го ангажираше УНОПС за набавка на респиратори и медицински материјали и очекуваме брзо да пристигнат во државата и преку дозвола за заедничка набавка на опрема заедно со земјите-членки на ЕУ, но и пристап до европскиот солидарен фонд и се разбира и барањето за репрограмирањето на 50-те милиони евра, кои ги добивме како награда и сега ги репрограмираме за мали кредитни линии за микро и средни претпријатија и за намалување на социо-економскиот импакт врз државата.

Османи подвлече дека се активираа и механизмите во билатералната помош, тука ги спомена Соединетите Американски Држави со 1,1 милион долари преку различни агенции помогнаа за донесување донации за болниците во нашата земја, како и помошта од Чешката Република со еден милион маски кои пристигнаа со специјален авион, како и помошта од Унгарија, Холандија, Германија, Словенија и други земји на ЕУ. Тој подвлече дека се очекува и помошта од Кина, во тестови и заштитни маски и материјали.

Премиерот Спасовски, осврнувајќи се на економските мерки и давајќи осврт на целокупната поставеност на Владата за време на справувањето со кризата оцени дека ситуацијата со коронавирусот значително го промени животот на граѓаните не само во нашата земја, но и во сите други земји во светот и рестриктивните мерки, кои се донесоа се првенствено за заштита на здравјето и на животот на граѓаните како основна цел на Владата.

„Ова како Влада не затекна во посебни услови, имавме период кога требаше да се одржат предвремени парламентарни избори, формирана беше техничка Влада, Парламентот не работеше, меѓутоа сите институции се поставија на високо рамниште, ја презедоа својата одговорност и презедоа активности и мерки што дадоа резултат“, рече премиерот Спасовски.

Тој подвлече дека ширењето на вирусот е линеарно, очекуван е бројот на заболени лица, преку Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести и здравствениот систем е се уште во кондиција да одговори на сегашната експанзија на вирусот.

„Со мерките за рестрикција, сакаме да обезбедиме добра состојба на работење во здравствениот систем и да создадеме подобри услови на работниците во здравството да можат да одговорат на потребите на секој граѓанин во Северна Македонија“, рече премиерот кој додаде дека сите мерки, кои беа преземени врз основа на анализите на надлежните епидемиолошки служби, дадоа резултати.

„Факт е дека моравме да донесеме одлука со која нема да работат училиштата, градинките, одредени компании го намалија обемот на работење, заради ситуацијата кај нас и во светот, многу од економските оператори, како угостителите, од областа на туризмот не работеа, но сетот тоа беше неопходно заради насочувањето во сегментот за заштита на животот на граѓаните“, рече Спасовски.

Премиерот Спасовски подвлече дека Владата за да и помогне на државата и компаниите исто така донесе мерки и тоа како директна помош на компаниите: првиот сет, наменет за оние кои беа погодени во првиот налет на проблемите кои настанаа од ситуацијата со коронавирусот, како транспортот, туризмот, занаетчиите, главно мали и средни претпријатија.

„Токму преку кредитната линија, која ја отворивме преку Развојната банка на Северна Македонија, од 5,9 милиони евра направивме поддршка на овие компании и веќе се одобрени договорите за бескаматните кредити што беа одобрени од Владата“, рече премиерот Спасовски објаснувајќи дека условите ги исполнија 163 компании со 1.737 вработени, и на нив им се одобруваат бескаматни кредити во вкупен износ од 1.263.079 евра.

Од овие компании-апликанти, како што посочи премиерот Спасовски, 96 проценти се микро-претпријатија кои вработуваат до 10 вработени и на мали компании до 50 вработени, што покажува дека средствата од бескаматната линија Ковид1 примарно ќе стигнат до микро и малите компании.

Вториот сет договори од Кредитната линија од Посебниот кредитен фонд со цел намалување на последиците од коронавирусот КОВИД-19, рече премиерот е одобрен на седницата на Владата пред четири дена.

Премиерот Спасовски информираше дека на уште 118 компании со 1.116 вработени, им се одобри користење на бескаматни кредити во вкупен износ од 936.602 евра што значи во првата и втората група, се одобрени вкупно 254 кредитни апликации во вкупен износ од околу 2,2 милиони евра, за компании со околу 2.853 вработени.

„Ако ги погледнеме компаниите по структура, од вкупно одобрените кредитни апликации, микро компаниите до 10 вработени учествуваат со 69 проценти, малите компании до 50 вработени учествуваат со 28 проценти, а средните компании до 250 учествуваат со четири проценти“, рече Спасовски објаснувајќи дека мерките се донесени со цел, зачувување на работните места и за помош на компаниите да имаат ликвидност за да продолжат со својата економска активност, што е од особено значење по завршувањето на здравствената криза.

Премиерот Спасовски, ја истакна и мерката за поддршка на компаниите во делот на исплатата на минималната плата, со која се опфаќаат 87 проценти од компаниите, 250.000 вработени односно достапна мерка за 35.000 компании, сет на мерки кој е усогласен со Економскиот совет и понатаму се остава простор за дебата и усогласување со синдикатите, стопанските комори и работниците, за најдобар можен ефект.

Премиерот Спасовски ги наброја и останатите мерки кои со уредба се донесени, а се однесуваат на помошта на занаетчиите, спортските работници и културните работници. Тој додаде дека се донесени и повеќе мерки во соработка со Народната банка и комерцијалните банки. Народната банка ја промени Одлуката за методологијата за управување со кредитен ризик со цел донесување на посебни одредби заради ублажување на последиците од вирусот КОВИД-19. Со оваа уредба се овозможува банките на лесен и едноставен начин да ги одложат кредитите на своите клиенти без потпишување на анекси и без одење на шалтер и во физичките локации на банките.

„Банките на правните лица им понудија поповолни услови како пролонгирање на отплатите, репрограмирање, грејс период, поповолна каматна стапка и слично, додека кај физичките лица банките ќе ги одложат отплатите на ратите на 3 до 6 месеци“, додаде претседателот на Владата Спасовски, споменувајќи ги и мерките за намалување на ратата и репрограмирање на кредитите кај финансиските друштва и лизинг компаниите.

Меѓу другото, премиерот Спасовски информираше и за 50 милиони евра евтини кредити од Развојната банка пласирани преку комерцијалните банки за заштита на ликвидноста на компаниите, како и овозможувањето на користење кредити на поволни кредити наменети за мали и средни претпријатија, во рамки на тековниот договор за заем помеѓу Развојната Банка и Европската инвестициона банка.

Тој нагласи дека примарна цел на оваа кредитна линија е обезбедување на свеж капитал за поддршка на нови проекти, нови вработувања, зголемена ликвидност на стопанството и зголемен извоз.

Во денешната онлајн прес-видеосесија, премиерот Спасовски оцени дека Владата подготвува сериозен план, по првомајските празници да започне процесот за враќање на нормализација на животот на граѓаните, но тој процес како што нагласија сите владини претставници нема да биде воспоставен веднаш, туку постепено ќе се донесат насоки за чекорите, полека и сигурно да се врати нормалниот тек на живот во нашата земја.