29/04/2024
Македонија

Приведени 17 припадници на затворската полиција, вработени во КПД Затвор Идризово, поднесена кривична пријава

По повеќемесечна криминалистичка истрага, Секторот за криминалистички истраги при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против 17 лица, сите припадници на затворската полиција, вработени во КПД Затвор Идризово. За пет лица постои основано сомнение дека како група, со умисла, во текот на месец октомври минатата година сториле кривично дело „овозможување бегство на лице лишено од слобода“ по чл.372 ст.2 од КЗ, додека едно лице се сомничи за помагање во сторување на кривичното дело. За 11 лица постојат основи на сомнение дека, во временскиот период од 19 – 26.10.2023 година, сториле продолжено кривично дело „противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“ по чл.373 во врска со чл.22 од КЗ.

Ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје му предложи определување на мерката притвор за шестмината осомничени, додека за единаесетте лица за кои се води предистражна постапка предложи мерки на претпазливост и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето; обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган; привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање; забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.

За овие кривични дела согласно позитивното законодавство се предвидени затворски казни од една до десет години за кривичното дело „овозможување бегство на лице лишено од слобода“ по чл.372 и од три месеци до пет години за кривичното дело „противзаконито oслободување на лице лишено од слобода“ по чл.373 од КЗ.

На 15.04.2024 Секторот за криминалистички истраги во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги лиши од слобода сите 17 лица и ги предаде на Основнот кривичен суд Скопје за понатамошно постапување.