28/04/2024
Македонија

Приведен криумчар, пронајдени пет лица мигранти од Кина

На 16.02.2024 на автопатот Демир Капија – Гевгелија, во близина на клучка Миравци, полициски службеници од Полициската станица за гранични провери и граничен надзор Богородица при Регионалниот центар за гранични работи Југ го лишиле од слобода Т.П.(38) од Скопје затоа што со возило „опел астра“ со скопски регистарски ознаки превезувал пет лица мигранти од Народна Република Кина.

Имено, околу 13.10 часот било пријавено дека во близина на клучка Миравци се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „цитроен берлинго“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Р.Д.(70) од Валандово и патничко возило „опел астра“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Т.П., од кое по незгодата излегле мигрантите. Притоа, со телесни повреди се здобиле возачот Р.Д. и Ѓ.М., сопатник во неговото возило, констатирани во Општа болница Гевгелија.

Полициски службеници на местото го затекнале Т.П., а по пребарување на теренот ги пронашле мигрантите, за кои по извршени проверки било утврдено дека илегално влегле и престојувале во државата. Т.П. бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.