27/04/2024
Македонија

Свечено одбележан државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание

Со пригодни свечености и богата културно-уметничка програма во организација на Владата на Република Северна Македонија, денеска, под мотото „Непокор и слобода“, се одбележува Денот на народното востание-11 Октомври.

Во знак на 82-годишнината од започнувањето на антифашистичкото востание во 1941 година, централната манифестација по повод државниот празник 11 Октомври беше одржан во Куманово.

Програмата започна пред Спомен – костурницата во Куманово, каде владината делегација предводена од претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски положи свежо цвеќе и оддаде почит на загинатите борци од НОБ.

Во состав на владината делегација беа првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, како и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и министерот за информатичко општество, Азир Алиу.

Во рамките на централната манифестација на платото пред Спомен-костурницата во Куманово пригодно обраќање имаше премиерот Димитар Ковачевски, при што порача дека со непокор и слобода се добиени сите битки за прогресивна македонска иднина и дека така ќе се продолжи.

Во Скопје, владина делегација предводена од заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, а во состав Филип Николовски, заменик министер за финансии, Беким Реџепи, заменик министер за транспорт и врски, положија свежо цвеќе во Меморијалниот комплекс „Партизански гробишта“ Бутел во Скопје, како и на споменикот ,,Ослободителите на Скопје”, на платото кај Владата на Република Северна Македонија.

Како дел од чествувањето на Денот на народното востание, во Прилеп владина делегација положи свежо цвеќе пред споменикот на Методија Андонов – Ченто, потоа пред споменикот на Кузман Јосифоски-Питу и пред Могилата на Непобедените. Владината делегација беше во состав заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заменик министерката за здравство, Маја Манолева и заменик министерот за образование и наука, Агим Нухиу.