27/04/2024
Македонија

Со НАТО поддршка ги унапредуваме капацитетите на армиската единица за пилотска обука

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Министерството имаше средба со тим на Единицата за соработка на меѓународните капацитети во НАТО одделот за инвестиции во одбраната предводена од Јоаким Хофбауер, на која стана збор за капацитетите на Центарот за обука на пилоти, кој е дел од структурата на Армијата како Сквадрон за обука и тренажа. Посетата на претставниците на НАТО следи по средбата на министерката Петровска со помошникот генерален секретар на НАТО за инвестиции во одбраната, Камил Гранд кон средината на минатиот месец.

„Северна Македонија е една од сојузничките земји која ја лансираше иницијативата за создавање на НАТО структура за летачка обука во Европа, што јасно покажува дека ние сме посветени со своите капацитети да дадеме придонес кон развојот на колективната одбрана и безбедност“, рече министерката Петровска на состанокот.

Петровска посочи дека станува збор за центар кој веќе има видливи и значајни резултати и дека Министерството е посветено на унапредувањето на неговите капацитети кои ќе имаат важна улога во зголемувањето на можностите за тренинг и обука на пилоти во Европа.

Хофбауер  се заблагодари за одличните средби во Северна Македонија и подвлече дека е импресиониран од капацитетите за обука на пилоти кои во голема мера ќе помогнат во тренингот на идните НАТО пилоти во Европа.