28/04/2024
Македонија

Спасовски: Лажни се вестите за грабнување деца, секој кој лажно пријавува ќе сноси одговорност

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со вчерашниот случај за наводно грабнување на дете од детска клининка, Спасовски беше дециден дека станува збор за лажна пријава.

„Ако погледнете низ ретроспектива, кога доаѓа време за избори, во Северна Македонија ни се случуваат вакви работи за коишто се мотивирани одредени личности, структури итн. Не мора да бидат само политички мотивации, може да бидат и од други аспекти. Јас ќе ве потсетам пред три, четири години кога имаше избори, почнуваа отворање теми за мигранти, грабнување на деца, разно разни активности”, рече Спасовски. Притоа, тој ги појасни случаите за лажно пријавување за грабнување на деца.

„Пред неколку дена имавме состојба во којашто имаше лажна пријава дека има грабнување на деца. Беше приведен сторителот, го призна делото. Сега имаме нова лажна вест, наводно има исчезнато дете од детската клиника. Апсолутно лажна вест, се преземаа низа мерки во рамките на СВР Скопје. Работеше Одделот за насилен криминал, притоа се направија проверки на Клиниката за гинекологија и акушерство. Се направи проверка на детската клиника и се направи проверка кај матичниот гинеколог кај пријавителот. Се утврди дека апсолутно е лажна вест и лицето е приведено и ќе сноси најголема одговорност. Апелирам, со вакви работи коишто предизвикуваат немир, неспокој и несигурност кај граѓаните, да не се служиме, инаку ќе има најжестока реакција од страна на институциите”, истакна Спасовски.

Во однос на прашањето како да се избориме со овие дезинформации, бидејќи во последно време се упатени околу активности на МВР, и зошто се пикира ова Министерство, Спасовски истакна:

„Секогаш кај што има резултати и кајшто има многу подобрување на работите, сакаат тоа да се девалвира. Како да се избориме против лажните вести? Само со пласирање на информациите коишто се вистински. Затоа често апелирам добивајте ги информациите од релевантните информатори, од Министерството, од службата за односи со јавност. Јас сакам на сите вас да ви се заблагодарам како медиуми затоа што навистина придонесувате да ги сузбиеме овие лажни вести. Ова не е работа која што ја шират медиумите во Македонија, не е работа која ја шират медиумските работници, туку социјални мрежи или било кој политичари, политички партии, итн, и од секој можен аспект гледаат како да направат некаква штета, меѓутоа, тоа не е штета на поединци, тоа е штета за државата. И уште еднаш, да ви се заблагодарам, и само заеднички преку партнерство МВР и медиумите и медиумските работници можеме навремено и објективно да ги информираме граѓаните. Само така ќе се заштитиме”, рече Спасовски.