29/04/2024
Македонија

Спасовски на завршен настан на Националниот демократски институт: МВР успешно и квалитетно ја реализираше хуманитарната мисија за прифаќање на граѓаните од Авганистан

Денеска (25.10.2023) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски учествуваше на панел дискусија на тема „Поддршка на бранителите на демократијата во Авганистан”, во рамки на завршен настан на Програмата за поддршка на Авганистан во Република Северна Македонија, во организација на Национален демократски институт.

Одговарајќи на прашањето дали е задоволен од соработката за заштита на авганистанската заедница и кои се научените лекции од ова искуство, министерот Спасовски истакна дека тоа беше едно непроценливо, меѓуинституционално, партнерско постигнување и заедничко искуство, во текот на времениот престој и преселувањето на оваа авганистанска заедница од Република Северна Македонија во Северна Америка, односно во Канада.

„Целта на оваа активност примарно беше насочена кон хуманитарно згрижување на членовите и нивните семејства од Авганистанската канцеларија на НДИ, но и од канцеларијата на американскиот Национален демократски фонд во Авганистан, кои што од оваа земја беа евакуирани во две групи од вкупно 178 лица – првата група на 05.10 2021 година и втората на 13.01.2022 година. Би сакал да потенцирам дека Република Северна Македонија во рамки на партнерството и билатералната соработка со Соединетите Американски Држави прифати вкупно 793 граѓани на Авганистан, од кои и посочените 178 лица чиј што статус беше оценет како високо ризичен по преземањето на власта на Талибанците во Авганистан”, истакна министерот Спасовски.

Истакнувајќи дека МВР презеде плански конципирани мерки и активности за што поуспешно и квалитетно реализирање на оваа хуманитарната мисија за прифаќање на граѓаните, Спасовски рече дека за таа цел беа опфатени и испланирани сите безбедносни аспекти за прифаќање и третман на лицата, се разбира во тесна координација и соработка и со Канцеларијата на НДИ во Република Северна Македонија, и тоа како еден континуиран наш заеднички ангажман.

„Токму тука сакам посебно да нагласам дека еден од клучните фактори дали еден таков потфат ќе биде успешен или не, особено кога станува збор за меѓуинституционална инволвираност во реализaцијата на истиот, е токму факторот на координација, што меѓу другото ги подразбира размената на информации, меѓусебна доверливост, постојана и навремена комуникација.

Во оваа прилика особено сакам да потенцирам дека Министерството за внатрешни работи се соочи со значителни предизвици при реализација на хуманитарната мисија за прифаќање на граѓаните од Авганистан, и таа нужно мораше да биде спроведена во соработка со меѓународни организации, секако примарно и со вашата, и со поддршка од други влади и држави”, рече Спасовски, изразувајќи задоволство од успешното завршување на овој проект, упатувајќи благодарност до пријателите од НДИ, до амбасадата на САД во Република Северна Македонија за соработката, поддршката, но и за можноста да се стекнеме со вакво специфично практично искуство што секако оди во полза на полициските и други служби во рамки на Министерството.