26/04/2024
Македонија

Шаќири: Заедно со општините развиваме квалитетен и правичен воспитно-образовен систем

Министерството за образование и наука ги вклучува локалните самоуправи во утврдување на националните развојни и реформски приоритети. На работилница со градоначалниците, организирана за визионирање на развојот и трансформација на воспитно-образовниот систем, министерот за образование и наука Јетон Шаќири нагласи дека креирањето политики со широки консултации со сите засегнати страни е принцип на работа на оваа Влада и на Министерството за образование и наука.

„ Активно работиме на подготовката на Национална развојна стратегија за периодот 2022-2042 година. Во овој процес значајна ни е поддршката од Фондот за добро владеење на Британската амбасада во Скопје, како и на УНДП и Постојаниот координатор на Обединетите нации во Северна Македонија. Стратегијата ќе има четири области: животна средина, човечки капитал, економски раст и инфраструктура. Областа човечки капитал го вклучува и развојот на образовниот систем, вклучително и основното и средно образование, кои се во директна надлежност на локалните самоуправи“, рече министерот Шаќири, додавајќи дека истовремено се одвиваат и консултации за Самитот за трансформирање на образованието, што во септември го организира Генералниот секретар на Обединетите нации, а ставовите на градоначалниците се придонес и кон надополнувањето на Стратегијата за образование.

Од квалитетот на образованието зависи иднината на сите нас, посочи Шаќири, и затоа сите треба да придонесеме во создавањето воспитно-образовен систем што ќе овозможи секое дете да ги развие своите потенцијали, придонесувајќи на тој начин за развојот на општеството во целина.

„Продолжуваме заедно и со постојани консултации да работиме на создавањето квалитетно образование. Во тек се реформите во основното образование, се реализираат новите наставни програми во прво и четврто одделение и се подготвуваат нови за второ и за петто одделение. Обуките на наставниците се одвиваат на редовна основа и заедно со локалните самоуправи вложуваме во наставни помагала, нагледни средства и кабинети за природни науки. Во цела држава се одвиваат инфраструктурни подобрувања на училиштата а се градат и нови“, укажа министерот.

Кај средното образование, извршната и локалната власт веќе втора година заедно ја креираат уписната политика. Министерот информираше и за претстојната оптимизација на училишната мрежа во земјата и ревидирањето на финансирањето на основното и средното образование.

„Час поскоро треба да ја промениме состојбата нашите ученици да го имаат најлошиот резултат во Европа, и од 11 години поминати на училиште, едно дете во Северна Македонија во просек да има образовни резултати еднакви на 7,3 години учење. Тоа значи дека на децата коишто одат на училиште 3,7 години им се залудно потрошени. Воспоставивме национални образовни стандарди, но, за нивно исполнување неопходна е соодветна училишна инфраструктура “, наведе Шаќири.

Оптимизацијата на училишната мрежа во секоја општина ќе се врши по посебен план, врз основа на индикатори и стандарди, кои ќе покажат каде има дополнителни, а каде недостасуваат просторни услови за одвивање на наставата, каде се потребни инфраструктурни инвестиции за подобрување на условите, какви се образовните потреби, бројот на потребни наставници, стручна служба, но и нагледни средства. Процесот на оптимизацијата ќе се одвива постепено а целта е постигнување на подеднакви и правични образовни и инфраструктурни услови за учење за сите деца во земјата, со оптимални финансиски ресурси.

За да се задоволи потребата за одвивање настава во здрава средина, во објект кој ги задоволува стандардите, со оптимален број на наставен, стручен и технички кадар и оптимални оперативни трошоци за комунални потреби и за инфраструктурно одржување на објектите, МОН во соработка со Министерството за финансии изработи и нова формула за пресметка на блок дотациите кон општините за финансирање на основното и за средното образование. Новиот начин на финансирање на основното и средното образование ќе се имплементира во период од 5 години.