27/04/2024
Македонија

11-ти Мај – Ден на културата во сообраќајот!

Сообраќајната култура е специфичен вид на култура која треба да ја поседува и секојдневно  да ја практикува секој учесник во сообраќајот.

Сообраќајната култура е мошне важен елемент на безбедноста во сообраќајот и не претставува само познавање на сообраќајните правила и прописи и поседување на вештини и  умеење да се управува со возило, туку истовремено  претставува и навика на нивно редовно и безусловно почитување и применување. Со други зборови, сообраќајната култура  претставува  начин на перцепирање на односите во сообраќајот, начин на  движење и однесување во сообраќајот кој треба да биде во насока  на  исполнување на општите и заеднички  интереси на сите учесниците во сообраќајот, а тоа е непречено и безбедно одвивање на  сообраќајот.

Културата и етиката во сообраќајот се учат од мали нозе. Самиот  процес на едукација е далеку полесен процес од процесот на промена на навиките и културата во сообраќајот. Токму затоа неопходно е да ги учиме децата на сообраќајна култура од најрана возраст.  Искуството покажува дека ги учиме децата на многу работи,  а недоволно ги учиме за тоа како да бидат безбедни и примерни учесници во сообраќајот. Сообраќајната култура е дел од личноста на еден човекот и  претставува одраз на  неговиот карактер и како човек и како  учесник во сообраќајот.

Карактеристично е тоа што најголем дел од учесниците во сообраќајот се единствени во ставот дека сообраќајната култура и етика не се на потребното и на посакуваното ниво, но за жал  речиси сите  ги бараат причините, вината и пропустите кај другите, а истовремено заборавајки дека сообраќајот е сложен систем, мозаик во кои сите ние партиципираме.

Учество во сообраќајот е дејствие кои сите ние секојдневно го реализираме како пешаци, велосипедисти, мотоциклисти, возачи на моторно возила, патници, итн.За сите учесници во сообраќајот постојат јасно дефинирани и прецизни правила и прописи кои сите треба да ги знаат, но и да ги почитуваат. Унапредување на културата, етиката и толеранцијата во сообраќајот значително ќе придонесе за побезбеден и посмирен сообраќај, односно ќе придонесе за помалку сообраќајни незгоди,  помал сообраќаен метеж и помалку настрадани лица на улиците и патиштата.

По повод 11-ти Мај, Денот на културата во сообраќајот, РСБСП со апел: „Повисоко ниво на  култура во  сообраќајот е неопходна со цел намалување на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди.  Да се почитуваме меѓу себе, како луѓе и како учесници во сообраќајот, и да изградиме систем на општествени вредности во кој културата и етиката во сообраќајот ќе имаат важно и водечко место. Секое незнаење, некултура и непочитување има цена, но незнаењето, некултурата и непочитувањето на правилата и прописите во сообраќајот  чинат изгубени човечки животи. 

Бидете внимателни, одговорни, културни и толерантени учесници во сообраќајот, денес и секој друг ден! 

#ДЕННАКУЛТУРАТАВОСООБРАЌАЈОТ