24/04/2024
Македонија

116-та седница на Владата на РМ

Владата на Република Македонија на редовната 116-та седница ја усвои Предлог-програмата за реализирање на Планот за чист воздух за 2019 година. Имајќи предвид дека борбата со аерозагадувањето е стратешки приоритет на Владата, програмата се заснова на 4 компоненти: мерки за директно справување со причините за загадување, градење на јавната свест од предучилишна до пензионерска возраст, регулаторни промени неопходни за транзиција кон енергетски систем со ниска емисија и имплементација на платформа за координација и следење на реализација на програмата. Програмата за намалување на аерозагадувањето ја утврдува и намената на обезбедените средства во висина од 2 милиони евра. Парите ќе се наменат за финансирање на замена на постојните нееколошки системи за греење во домаќинства, градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти во најзагадените градови во земјата, како и за набавка на пречистувачи за воздух во внатрешни простории во градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти. Во акцискиот план за намалување на аерозагадувањето за 2019-та година се вметнати и иницијативи на три граѓански организации коишто се однесуваат на изработка на посебна Веб страна, каде што на едноставен начин ќе бидат набројани сите мерки кои треба да ги спроведат државните институции и на инсталирање на филтри во малите и средни претпријатија, особено во оние од дрвната дејност.

Министрите ја прифатија информацијата за интервентно згрижување на бездомни лица затекнати на локација под Кале во објекти на установи за социјална заштита. Притоа Владата го задолжи Министерството за труд и социјална политика преку ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје, во периодот до март годинава, да обезбеди сместување на затекнатите лица под Кале во објекти што ги користи ЈУ За згрижување на деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение во Скопје. Станува збор за 30 семејства, односно 99 лица. Од нив, само 9 семејства поседуваат некакво живеалиште, додека останатите се евидентирани како бездомни лица. Сместувањето на бездомните лица е во согласност и со препораките на Интерсекторската работна група за следење на состојбата на воздухот, бидејќи на овој начин овие лица нема да палат несоодветни материјали за греење и дополнително да го загадуваат воздухот.

Владата денеска ја донесе и Предлог-годишната програма за заштита на природата за 2019-та година. Со неа ќе се постигне поефикасна заштита на природата преку имплементација на активности и мерки од стратешки документи како Националната стратегија за биолошка разновидност со Акционен план (2018-2023) и Националната стратегија за заштита на природата со акциски план (2017-2027). Со Програмата за заштита на природата ќе се овозможи понатамошно хармонизирање на националното законодавство со законодавството на ЕУ за заштита на природата.

На 116-та седница беше прифатена информацијата за поддршка на иницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк. Иницијативата е од месните заедници на подрачјето на планината Јабланица, како и од невладиниот сектор, а истата е прифатена и од градоначалниците на општините Струга и Вевчани. Првиот чекор е изработка на Студија за валоризација или ревалоризација на природните вредности на Јабланица. По изработка на студијата, постапката за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје ќе ја започне Министерството за животна средина и просторно планирање. Со тоа, ќе се зголеми процентот на заштитените подрачја на национално ниво, со што ќе се исполнат и барањата на националната легислатива за заштита на природата, како и меѓународните обврски согласно ратификуваните конвенции и ЕУ директивите за живеалишта и видови.

Владата денеска ја прифати информација за Програмата на економски реформи 2019-2021 година, со текст на Програмата. Програмата е петти документ изработен согласно насоките од Европската комисија, каде освен среднорочна макроекономска и фискална рамка се вклучени и 18 клучни секторски структурни реформи за зголемување на конкурентноста и растот на економијата. Програмата е изработена во согласност со Програмата за работа на Владата на Република Македонија 2017-2020 година, Ревидираната Фискална стратегија за периодот 2019-2021 и Буџетот на Република Македонија за 2019 година, како и останатите национални стратешки документи. Исто така, програмата е во согласност со Стратегијата на ЕУ за брз, одржлив и сеопфатен економски развој „Европа 2020“.

На седницата министрите ја прифатија информацијата за потребата од усвојување на Индивидуалниот реформски акционен план (ИРАП) и го усвои истиот, на ниво на националната држава со цел спроведување на Регионалната инвестициска реформска Агенда за Западен Балкан. Истовремено, Владата го задолжи Кабинетот на Заменик претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања и координација на економски ресори, Кочо Анѓушев за содржината на Акцискиот план за инвестициски реформи за Република Македонија, преку Канцеларијата на Претседателот на Владата во рок од три дена да го извести Регионалниот Центар за соработка (РЦЦ) во Сараево, како и комесарот за проширување Јоханес Хан.

Владата на седницата ја разгледа и ја усвои информацијата во врска со номинација на Национален известувач за трговија со луѓе и илегална миграција. Притоа Владата ја донесе и одлуката за дополнување на одлуката за образување Национална комисија за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција во Република Македонија. Истовремено Владата му укажа на Народниот Правобранител на Република Македонија во рок од три дена од денот на влегување во сила на оваа одлука да ја започне постапката за номинација на лице за Национален известувач за трговија со луѓе и илегална миграција.

На 116-та седница Владата ја прифати информацијата за потребата од обезбедување на финансиски средства за реализација на проектот Изградба на железничка пруга од Крива Паланка до граница со Република Бугарија. Според информацијата, ќе се обезбедат дополнителни финансиски средства во износ од 345 милиони евра преку Министерството за финансии и Јавното Претпријатие Македонски Железници Инфраструктура.

Како материјал за информирање, денеска Владата ја прифати информацијата за можностите за поедноставување на постапката за издавање на пасоши преку дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија, отстранување на техничките проблеми со мобилните станици и можност за воведување на нови базни станици.