25/04/2024
Македонија

„7-ми Мај“ – Ден на македонската полиција

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со раководството на министерството, денеска, по повод “7-ми Мај“ денот на македонската полиција, остварија средба со претставници на семејствата на загинатите припадници на македонската полиција. 

Притоа, беше положено цвеќе на спомениците на паднатите бранители (во кругот на МВР), а министерот Спасовски на средбата со членовите на семејствата на загинатите припадници на министерството, им врачи решенија за летување на семејствата на загинатите бранители во одморалиштата на МВР во Охрид и Преспа.

Делегации на МВР положија цвеќе и на спомениците на загинатите бранители во Жена -Парк во Скопје, како и во касарните “Ѓорче Петров“ и “Илинден“. Традиционално, делегации од МВР ги посетија Домот за згрижување на деца и младинци “11 Октомври“, како и Домот за доенчиња и мали деца во Битола и Дневниот Центар за деца со посебни потреби во Тетово, истовремено врачувајќи им на децата скромни подароци.  

Инаку во изминатите неколку дена, во рамки на одбележувањето на денот на македонската полиција беа одржани низа вежбовни и други активности на полицијата, а вчера во Штип се одржа и централната манифестација по повод  “7-ми мај“.