27/04/2024
Македонија

АХВ и МВР спречија нелегална трговија со свињи

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР), на подрачјата на општините Крива Паланка и Радовиш, во неколку наврати, спречија нелегална трговија со свињи, спротивно на донесените решенија и воведените заштитни и контролни мерки за спречување на појава и ширење на болеста африканска чума кај свињите. Свињите се запленети во рамки на редовните и вонредните контроли кои ги спроведува АХВ во соработка со МВР, а кои се насочени кон спречување на нелегална трговија со овој вид добиток со цел спречување на појава на нови жаришта на болеста.

За запленетите свињи, сопствениците не поседувале соодветна документација за потеклото и здравствениот статус на животните, ниту истите биле идентификувани. Одземените животни се нештетно уништени, против сторителите се изречени парични казни согласно Законот за прекршоци, а Министерството за внатрешни работи ќе поднесе и соодветни кривични пријави за сторено дело ширење на заразни болести.

Во населените места во Општина Куманово каде се уште се на сила наредените мерки за спречување на ширење на болеста африканска чума кај свињите, сега се врши попис и се спроведуваат клинички прегледи на одгледувалиштата, по што, зависно од здравствената состојба на животните, ќе се направи и проценка дали ќе се укинат наредените заштитни и контролни мерки. Во останатите општини каде имаше појава на жаришта на болеста, мерките се укинати и таму може да се врши репопулација, но, само со исполнување на соодветни услови во одгледувалиштата и само ако за тоа дозвола даде официјален ветеринар по спроведен надзор.


WebOhrid / 11.04.2023 / Агенција за храна и ветеринарство