08/10/2024
Македонија

Анѓушев: Владата е насочена кон реални економски проекти за објективни и одржливи позитивни резултати

Потпретседателот на Владата на Р.Македонија задолжен за економски прашања  Кочо Анѓушев, заедно со министрите за финансии Драган Тевдовски, за транспорт и врски Горан Сугаревски и за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, ги презентираа резултатите од анализите за ефектите од економските политики на Владата на Република Македонија.

Анализите  се изготвени врз основа на податоци добиени од државните институции и од стопанските комори што ги користи економскиот тим на Владата при креирање на краткорочни и долгорочни политики.

Вицепремиерот Анѓушев посочи дека Владата е насочена кон реални економски проекти, кои ќе дадат објективни и одржливи позитивни резултати.

„Очекуваме дека растот на земјоделството во првиот квартал од 2018 година во споредба со истиот период од минатата година ќе биде околу 7% или нешто над 7 %, а растот на индустријата на преработувачката и на производите од индустријата ќе бидат околу 6%. Услужните дејности се очекува да имаат  раст над 10% во првиот квартал во 2018 година. Ценам дека овие бројки сосема јасно говорат за економска активност и дека Владата за една година успеа економијата во земјата да ја врати во реални рамки. Ќе се бориме за реални економски текови и активности, без измислени и виртуелни проекти. Ќе бидеме внимателни со трошењето на парите на граѓаните на Република Македонија, на даночните обврзници и каде ги трошиме нивните пари без разлика дали тоа предизвикува помали или поголеми бројки“,  изјави вицепремиерот Анѓушев.

При тоа Анѓушев потенцираше дека  извозот во првиот квартал од 2018 година е 14,3% повисок  во споредба со истиот период од лани.

Анализите на економскиот владин тим покажуваат дека  додадената вредност, односно паричните средства кои се во оптек  во првото тромесечје од 2018 година во споредба со истиот период од 2017 се очекува да имаат раст од  околу 5%.

Во делот на градежништвото вицепремерот Анѓушев изјави дека се очекуваат подобри резултати во високоградбата, а намалување во нискоградбата.

„Она што посебно треба да го подвлечеме е очекуваниот пад на нискоградбата во 2018 година прв квартал и според нашите анализи тоа е за 35 до 40% и тоа само во делот на изградба на автопатиштата. Тој пад е исклучиво резултат на намаленото работење на неколку компании кои претходно и тоа како имале удел во градежните активности во делот на нискоградбата, тоа е автопатот Кичево – Охрид и некои други патишта, а како фирми тоа се Синохидро, Трансмет и неколку други. Тие фирми значително ги намалиле своите активности и како резултат на тоа се очекува пад. Владата беше исправена пред прашањето дали да ги продолжи овие инфраструктурни проекти пред се патиштата Кичево-Охрид и тоа на истиот начин како што беа работени со импровизации, со несоодветна техничка документација, да плаќаме дополнителни цени кои произлегуваат од таквата ситуација, да плаќаме над 50 проценти разлики во цени меѓу Синохидро и другите фирми, или за момент да застанеме со оваа активност и да ја доведеме во рамките на техничка исправност.

Ние како Влада и економскиот совет со сите економски министри, донесовме одлука дека подобро и во интерес на граѓаните е проектите да ги донесеме во реалност и правилно да бидат продолжени. Гарантираме дека тие проекти ќе продолжат и ќе бидат завршени на начин којшто ќе биде од голем бенефит на граѓаните на Република Македонија“, потенцираше Анѓушев, додавајќи дека во Министерството за транспорт и врски во моментов има над 40 активни проекти, бројка која сама по себе кажува и дава надеж дека во следните квартали и таа единствена негативна бројка во првиот квартал од 2018 во споредба со истиот период 2017, ќе биде коригирана и ќе биде позитивна.

Во однос на интензитетот на реализација на капиталните инвестиции, министерот за финансии Тевдовски посочи дека се очекува зголемување на нивото на капитални инвестции.

„Ние наследивме бројни проблеми во проектите како несоодветни проектни документации и слично, но се одлучивме да не одиме по лесниот пат и да градиме фасади и споменици туку да инвестираме во тоа што ќе донесе добро за економијата. Правиме притисок на сите институции и веруваме дека во втората половина на годината ќе имаме значајни подобрувања. Да потсетам дека минатата година остваривме рекордно ниво на реализација на капитални инвестиции токму во последниот квартал од годината“, изјави министерот за финасии Тевдовски.

Според официјалните податоци за период јануари заклучно со 30 април 2018 во споредба со истиот периуод од лани вкупните приходи во буџетот на РМ имаат раст од 4,6 %, при што даноците, и тоа сите, персоналниот, данокот на добивка, акцизата, ДДВ и други давачки пораснале за 7,2 % а другите придонеси пензиско, инвалидско и другите пораснале за 6%.a