24/04/2024
Македонија

Анита Ангеловска-Бежоска стапи на функцијата гувернер на НБРМ

Денес, 22 мај 2018 година, д-р Анита Ангеловска-Бежоска стапи на функцијата гувернер на Народната банка на Република Македонија. Собранието на Република Македонија, на својата 46. седница, вчера, со 81 глас „за“, без ниту еден глас против и без ниту еден воздржан се изјасни по предлогот на Претседателот на Република Македонија, проф. д-р Ѓорге Иванов, таа да ја извршува оваа одговорна функција, што претставува и чин на потврда на професионализмот којшто е неопходен за успешно управување и функционирање на централната банка. Во текот на денешниот ден, д-р Ангеловска-Бежоска даде свечена изјава пред претседателот на Собранието, по што беше реализирано и примопредавање на функцијата гувернер на Народната банка. При примопредавањето на функцијата, досегашниот гувернер, Димитар Богов, срдечно ѝ посака успех во совладувањето на предизвиците и натамошно, континуирано успешно работење на централната банка.

Во својата прва изјава за медиумите од позиција на гувернер, д-р Ангеловска-Бежоска, меѓу другото истакна: „Пред мене стои предизвикот со спроведување успешна и независна монетарна политика, во насока на остварување на законски гарантираните цели на централната банка, а тоа се: ценовната стабилност остварена преку стратегијата на одржување стабилен девизен курс на денарот; одржувањето на стабилноста на банкарскиот систем, а преку тоа директно давајќи придонес за целокупната финансиска стабилност во нашата економија и дополнително, поддржување на општите економски политики… Исто така, би сакала да потенцирам дека сите овие успешни политики коишто се спроведуваа досега, беа резултат на големиот институционален капацитет којшто го поседува централната банка, благодарение на долгогодишното вложување на стратешкото раководство на институцијата во развојот на човечките ресурси. Тука останува мојата обврска и натаму да го градиме капацитетот, бидејќи тој е клучен за извршување на нашите задачи“.

По стапувањето на функцијата, денес, гувернерот Анита Ангеловска-Бежоска го одржа и својот прв состанок со стратегиското раководство на Народната банка.