02/05/2024
Македонија

Царовска: Ги усогласуваме потребите за нови профили стручен кадар со компаниите

Почнува процесот на консултации на МОН, градоначалниците и компаниите за дизајнирање на наставните програми и уписните политики во средните стручни училишта со цел да образуваат стручни кадри потребни на пазарот на труд 

Ги усогласуваме потребите на реалниот сектор со профилите за кои ќе се образуваат учениците во средните стручни училишта, рече министерката за образование и наука Мила Царовска денес во Штип, каде заедно со градоначалникот Сашко Николов и претставници на неколку компании го почнаа процесот на консултации за потребата од отворање на нови профили и паралелки во средните стручни училишта низ државата, од идната учебна година.

„Разговараме кои се нивните реални потреби од одредени профили кои недостигаат со години наназад на компаниите, и можностите за нив да се отворат паралелки во средните стручни училишта. За првпат влегуваме во интензивно преговарање со компаниите, стопанските комори и средните стручни училишта со цел да го обезбедиме бараниот стручен кадар, но и да ја зголемиме вработливоста на младите“, изјави Царовска.

Претходно, министерката Царовска имаше работни средби во Свети Николе со градоначалникот Сашо Велковски и во Пробиштип со градоначалникот Драган Анастасов како и со локалните компании.

„Добивме многу конструктивни и корисни предлози за профилите кои треба да ги отвориме. Силно веруваме дека низ овој социјален дијалог заеднички ќе ги идентификуваме потребите и ќе одговориме на долгогогодишните барања на компаниите, но и ќе профилираме стручно образование коешто ќе создава кадар потребен на реалниот сектор“, рече Царовска.

Денешните средби се први во рамки на процесот на консултации со компаниите, стопанските комори и локалните самоуправи за потребата од отворање на нови профили и паралелки во средните стручни училишта низ државата, од идната учебна година. Под слоганот „Учи паметно, работи стручно“, министерката за образование и наука Мила Царовска, претставници од Владата и МОН, градоначалниците и компаниите ќе разговараат за дизајнирањето на наставните програми и уписните политики во средните стручни училишта.

Министерството за образование и наука веќе спроведе анализа која покажа кои профили сега ги нудат училиштата, каква е нивната усогласеност со потребите на компаниите и каква е подготвеноста за соработка на компаниите со средните стручни училишта на локално ниво. Во анализата учествуваа 450 компании од цела држава, од кои дури 85 % се подготвени да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава, нешто што е многу важно за создавање на стручен и квалитетен кадар. 

Овој процес Министерството за образование и наука го реализира во соработка и со поддршка од Амбасадата на Швајцарија