08/05/2024
Македонија

Царовска: Наставниците и учениците да ги почитуваат мерките за заштита

Министерката за образование и наука Мила Царовска  при посетата на новото училиште во Ѓопчели, во општина Дојран, апелираше на доследно почитување на мерките и протоколите за заштита од Ковид -19.

„Јас од тука, како министерка но и како мајка, сакам да испратам порака до сите училишта во државата, до сите наставници во државата, до сите ученици во државата, дека Ковид-19 е навистина прашање за кое сите сме одговорни. Дали ќе имаме зголемен раст на случаи, дали ќе имаме зголемен број на починати лица од Ковид-19, зависи од секој од нас“, рече Царовска.

Според неа, фактот што за само една недела има 53 деца и 8 наставници во изолација покажува дека сите треба да покажеме поголема одговорност во спроведувањето на мерките за заштита.

„Со цел превенција на здравјето и на наставниците и на учениците, ние направивме и ги преземавме сите мерки заедно со здравствениот систем, но навистина на сечија одговорност е ова да го запреме заедно и на сечија одговорност е мерките, препораките, протоколите, алгоритмите да се почитуваат доследно, за да може да продолжи наставата во нашата држава на начин на којшто сега сме ја започнале. Да бидеме одговорни“, побара Царовска.