19/04/2024
Македонија

Царовска: Создаваме можности за младите истражувачи да го покажат својот потенцијал

Вкупно 19 основни и средни училишта од целата држава ќе реализираат зелени проекти за зачувување и унапредување на животната средина и биодиверзитетот. Проектите се наградени во рамките на јавниот повик  “Предизвик за млади истражувачи #4 – зелени проекти”, кој го спроведува Фонд за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за образование и наука. По повод успешната реализација на повикот и објава на избраните добитници на парична поддршка, денеска прес конференција одржаа министерката за образование и наука Мила Царовска и директорот на ФИТР Коста Петров.

Царовска рече дека младите луѓе по природа се истражувачи и дека обврска на институциите на системот е да го негуваат и поттикнуваат истражувачкиот потенцијал на учениците, што понатаму, низ школувањето ќе може да се надградува.

„Затоа обезбедуваме повеќе средства, го менуваме пристапот и создаваме можности нашите основци, средношколци и студенти да ја покажат својата креативност, критичко мислење и вештини кои создаваат додадена вредност. Ме прави многу среќна кога ги гледам насмеаните лица на наградените млади истражувачи на овој, четврт по ред, предизвик што го организиравме заедно со Фондот за иновации и технолошки развој. Им посакувам и во сите натамошни предизвици да бидат победници и заедно со своите врсници да бидат генерации кои нашата убава држава ќе ја направат горда што ги има“, истакна Царовска.

Директорот на ФИТР рече дека со четвртиот предизвик за млади истражувачи, уште еднаш се потврдува дека во државата има голем број талентирани ученици на кои единствено им недостасува шанса да ги реализираат своите иновативни идеи.

„Во овие проекти ќе бидат вклучени околу 150 ученици и 38 ментори, а над 70% од наградените училишта се за прв пат поддржани од ФИТР. Особено ме гордее што таков пример се и училиштата од Охрид кои аплицираа за прв пат и воедно се и прворангирани во двете категории.За прв пат се наградени училишта од Зрновци, Гевгелија, Валандово, Ресен и Шуто Оризари.Она што охрабрува е дека младите покажаа висока еколошка свест, желба за истражување и тимска работа како и потреба да стекнат нови вештини“, рече Петров.

Вкупниот буџет обезбеден за јавниот повик изнесува тримилиони денари, додека средствата предвидени за поединечен предлог проект изнесуваат максимум 200.000 денари. Наставниците кои ги предводат наградените тимови, за успешно спроведениот проект ќе добијат и награда во вкупен износ од 30.000 денари, која ќе можат да ја искористат за набавка на персонален компјутер, таблет, печатач и/или друг тип на дигитална опрема применлива во наставниот процес.

При селекција на проектите, предност имаa проектите со интердисциплинарен карактер, кои предвидуваат инклузивен пристап во формирањето на тимовите, односно имаат еднаква родова застапеност, вклучуваат деца со различна етничка припадност, деца со посебни потреби, деца од различни возрасти и слично, и се поднесени од училишта од рурални средини.