29/04/2024
Охрид

Честитка од градоначалникот Пецаков по повод 11 Октомври

По повод 11 Октомври, Денот на народното востание на Република Македонија, градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков упати честитка до своите сограѓани.

-Нека ни е честит 11 Октомври, Денот на народното востание со кое нашиот народ на најдобар можен начин го докажа својот државотворен капацитет и право на изградба на самостојна, суверена и слободна држава. Со 11 Октомври и НОБ застанавме на страната на антифашистичката коалиција. Граѓаните на Македонија знаеја да го изберат доброто наспроти злото, правдата наспроти неправдата и да застанат против фашизмот како едно од најголемите зла во човечката историја. Денес, после многу години не бледнее споменот на 11 Октомври, живо е сеќавањето на сите оние кои застанаа наспроти моќната фашистичка армада и го положија својот живот на олтарот на татковината. Слободата и мирот кои ни ги оставија нашите предци нема да дозволиме никогаш да ни бидат одземени и загрозени. Придобивките од македонската револуционерна борба не обврзуваат сите да продолжиме да ја градиме нашата татковина како современа, демократска и правна држава во која секој граѓанин ќе има еднакви можности да креира пристоен и примерен живот за себе и за своето семејство – стои во честитката на градоначалникот Пецаков по повод националниот празник 11 Октомври.


WebOhrid / 11.10.2023 / Општина Охрид