26/04/2024
Македонија

Честитика од претседателот Иванов по повод празникот Рамазан-бајрам

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот муслимански празник Рамазан-бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи, до членовите на Ријасетот на ИВЗ и до сите припадници на исламската вероисповед во Република Македонија.

Почитуван реис–ул–улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи,

Дозволете ми, Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија да Ви упатам честитки по повод празникот Рамазан-бајрам.

Рамазан е време на пост, солидарност, добрина и простување. Овие моменти се потсетник на основните човекови вредности, потсетник дека треба да си помагаме едни со други и да се воздржуваме од лоши мисли, a толеранцијата да биде мост меѓу сите граѓани во нашата држава.

Македонија секогаш била пример за соживот, почит и разбирање. Дозволете ми овој ден да повикам на слога и заедништво, бидејќи само заедно, искрени и сплотени ќе може да создаваме дела на кои ќе се гордеат идните генерации.

Во духот на празникот, Ви упатувам честитки со желби за лична среќа и духовен мир, а на сите припадници на исламската вероисповед во земјава им посакувам благосостојба, љубов и бериќет.

 Честит Бајрам – Бајрам Мубарек!