18/05/2024
Македонија

ЦИВИЛ: Бескопромисно почитување на човековите права и слободи

На Меѓународниот ден на човековите права, ЦИВИЛ – Центар за слобода испраќа јасна и недвосмислена порака до институциите дека човековите права и слободи се нивна прва и последна обврска.

„На овој ден, како и секој друг ден во годината, повикуваме на акција и вклучување на сите граѓанки и граѓани во одбрана на човековите права и слободи во духот на солидарноста и почитувањето.

Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Универзалната декларација за човекови права во Париз, на 10 декември 1948 година. Декларацијата произлезе од мрачното искуство во Втората светска војна и потребата за заштита на основните права на човекот. Првиот член на Декларацијата „сите луѓе се раѓаат слободни и рамноправни во достоинството и правата“ ги гарантира правата и слободите на секој човек на оваа планета. Со самото раѓање, секој се стекнува со сите права опишани во Декларацијата.

Граѓанките и граѓаните уште се мета на дискриминација врз основа на политичка припадност, етничка и верска припадност, род, социјален или здравствен статус и сексуална ориентација. Структурното насилство, селективната правда, дивеењето и грабежот на јавните пари, а слободата на говорот и медиумите уште се борат со ерозиите во општеството.

ЦИВИЛ укажува дека е неприфатливо селективно почитување на човековите права и слободи, делумно почитување на колективни права само на некои заедници, на сметка на други заедници и категории на граѓанки и граѓани. Неприфатливо е почитување на човековите права на колективитети, а занемарување на правата на поединците.

Затоа, во име на слободата и бескомпромисната борба за човековите права, а по повод Меѓународниот ден на човековите права, ЦИВИЛ организира Фестивал на слободата, во Музејот на Град Скопје, од 17:30 до 23 часот. Со ова издание на Фестивалот, воедно, се одбележуваат и 20 години од основањето на ЦИВИЛ, организација на граѓанското општество чија бескомпромисна борба за човекови права и слободи ја направи една од највидливите во Република Северна Македонија.

Сите граѓанки и граѓани се добредојдени да го одбележат Меѓународниот ден на човековите права, заеднички, во активистички дух, да испратиме силна порака за почитување на човековите права и слободи, секаде и без исклучок.“ – истакнуваат од ЦИВИЛ.