04/12/2024
Македонија

ЦИВИЛ по повод 8 Март: Сите мораат да се вклучат за да стават крај на родовата дискриминација и насилството

Правата на жените се човекови права коишто повеќе од 70 години се заштитени со меѓународното право и Обединетите нации. Жените имаат право да живеат ослободени од насилство, ропство и дискриминација. Жените имаат еднакви права да се школуваат, да поседуваат имот, да гласаат и да заработат фер и еднаква плата како и сите други вклучени во пазарот на трудот.

За жал, насекаде во светот, па и во Република Северна Македонија, жените и девојките се соочуваат со негирање на нивните права, дискриминација и насилство, едноставно, поради нивната родова припадност.

По повод Меѓународниот ден на правата на жените, 8 Март, но и секојдневно, ЦИВИЛ го крева гласот во поддршка на сите жени во светот, и бара да се стави крај на дискриминацијата и насилството против жените. ЦИВИЛ бара од институциите, носителите на одлуки и законодавците да ги зајакнат постапките и процесите за доследно почитување на сите човекови права и слободи, а со тоа и правата поврзани со родовата еднаквост. Тоа подразбира и доследно спроведување и унапредување на законите за заштита на човековите права и слободи и за заштита од дискриминација по родова основа. Институциите на државата и на локалната самоуправа, како и општеството во целост, мораат да работат на еманципација и почитување на правата на жените.

За жал, одбележувањето на Меѓународниот ден на правата на жената во нашето општество децении наназад е сведено на исклучително ниско разбирање на човековите права и слободи, а со тоа и на родовата еднаквост, која ја гарантираат Уставот, законите и меѓународното право.

Правичната застапеност на жената од 50% во институциите и во структурите за донесување на одлуките се подразбира и мора да се спроведе час поскоро.

ЦИВИЛ бара од Собранието и од Владата да спроведе ефективни законски мерки и да воведе практики на најостро санкционирање на секоја постапка што жената ја става во подредена положба или ја дискриминира на работното место, во семејството, во јавноста или на било кое друго место или ситуација. Медиумите и граѓанските организации имаат обврска да манифестираат повисока одговорност и да работат на граѓанска едукација за родовата еднаквост.

ЦИВИЛ потсетува на предлогот што го објави јавно во 2018 година, 8 Март да се прогласи за неработен ден за сите жени во земјата.

8 Март во општеството и во политиките треба да биде препознаен како повод за акција, да не се користи за формални прослави и декларации, туку за промоција на суштинска родова еднаквост.

Сите мораат да се вклучат за да стават крај на родовата дискриминација и насилството!