29/04/2024
Македонија

ЦИВИЛ со осуда на криминалот и на политичкото профитерство во случајот „Онкологија“

ЦИВИЛ – Центар за слобода, како организација за човекови права и слободи, внимателно и со крајна загриженост го следи случајот „Онкологија“ кој го отворија истражувачките новинарки во „Фокус“ и „Слободен печат“. Во случајот постојат силни индиции за криминал и корупција со кој директно се загрозуваат здравјето и животот на пациентите, кои се основни човекови права.

Врз основа на обелоденетите сведоштва и факти, ЦИВИЛ изразува крајна осуда на криминалните активности насочени против здравјето и животот на луѓето.

По обелоденувањето, случајот „Онкологија“ предизвика бурна реакција и осуда, како од јавноста, така и од политичкиот врв на државата. Истовремено, надлежните институции јавно ветија дека ќе спроведат целосна истрага на случајот, а престапниците ќе ги изведат пред лицето на правдата.

Со оглед на индициите дека овој криминал се случувал многу долго време, ЦИВИЛ смета дека реакцијата е задоцнета, но во секој случај добредојдена ќе биде транспарентна и темелна истрага и најстроги законски санкции против сторителите.

ЦИВИЛ нагласува дека во криминални активности од овој вид и размер, не е возможно да се вклучени само вработени во клиниката. Виновниците и олеснувачите на криминалот мора да се бараат во раководните структури и во други сектори што ги овозможувале, помагале или спроведувале криминалните активности.

Осуда заслужуваат и политичките партии, групи и поединци кои во овој случај видоа можност за политички профит со ширење говор на омраза, дезинформации, и националистички и антизападни пораки. Со тие постапки се врши целосна злоупотреба на оправданиот револт на граѓанките и граѓаните, за цели кои немаат врска со грижата за правата, здравјето и животот на луѓето.

ЦИВИЛ со згрозеност ги следи постапките на политичките профитери и ги повикува граѓанките и граѓаните решително и со осуда да го отфрлат нечесниот обид да се злоупотреби несреќата на луѓето за политички цели.


WebOhrid / 05.09.2023 / ЦИВИЛ