02/05/2024
Охрид

ЦЈЗ Охрид апелира надлежните да преземат мерки за неконтролираното спалување отпад

Деновиве, особено во вечерните и раните утрински часови, во Охрид и пошироката околина видлива е заматеност во воздухот и се чувствува непријатен мирис на чад, неофицијално, предизвикано пред се од горењето на комуналната депонија во Буково.

Поради опасноста што може да ја предизвика опасниот чад предизвикан од неконтролирањето спалување/горење на комуналниот отпад, врз здравјето на луѓето, Центар за јавно здравје Охрид апелира до надлежните институции веднаш да преземат соодветни мерки и активности за решавање на проблемот. Особено предупредуваме луѓето кои непосредно ќе учествуваат во справувањето со комуналниот смет на депонијата која гори, да користат соодветни заштитни средства (маски, очила и сл.)

Апелираме до граѓаните на Охрид, гостите, туристите, додека не се реши проблемот со горењето на комуналниот смет на депонијата во Буково, во вечерните и утринските часови да не ги отвораат прозорците и доколку почувствуваат мирис на чад, да останат во своите домови.

Неконтролираното спалување/горење на неселектиран, разноврстен комунален отпад е особено опасно бидејќи не може точно да се предвиди што се може да се ослободи од илјадниците токсични соединенија.

Во продолжение неколку информации за штетноста од вдишување на чад/воздух предизвикан од неконтролирано горење на комунелен отпад, врз здравјето на луѓето:

– Комуналниот отпад што се одлага на депонијата во Буково содржи разноврстен, неселектиран отпад, и при горењето на таквиот отпад зголемена е опасноста од присуство на бројни штетни супстанции во воздухот

– Гасовите кои настануваат при горењето на комуналниот отпад пред се се азотни и сулфурни оксиди, исклучително штетни загадувачи на воздухот и опасни врз здравјето на луѓето, во концентрации поголеми од максимално дозволените. Исто така се ослободуваат полициклични ароматични јаглеводороди, диоксини, фурани, прашина и тешки метали.

– Од комуналните депонии се ослободува и депониски гас како нус производ од процесот на разградување на депонираниот отпад кој содржи околу 50% на метан, штетен гас со ефект на стаклена градина.

Влијание врз здравјето на луѓето:

– При вдишување на чад ослободен од неконтролираното спалување на комунален отпад бројни штетни соединенија навлегуваат до најситните делови на белите дробови, до крвотокот и понатака до другите органи, што може да предизвика брјни сериозни заболувања.

– Штетните ефекти на овие загадувачи на воздухот по здравјето на луѓето, најповеќе се воочуваат кај органите за дишење со можност за развивање на сериозни белодробни заболувања, како што е хронична опструктивна белодробна болест, емфизем на белите дробови, бронхијална астма, карцином.

Несоодветното одлагање на отпадот на нехигиенски депонии предизвикува не само загадување на воздухот, туку и на почвата, подземните и површинските води, што претставува дополнителна опасност врз здравјето на луѓето.


WebOhrid / 04.08.2023 / Центар за јавно здравје Охрид