Дебата: „Процедурите на вработување во администрацијата на централно и локално ниво по изборите“

Заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески, денес учествуваше на тркалезна маса на тема: „Процедурите на вработување во администрацијата на централно и локално ниво по изборите“, организирана од страна на „Платформа на граѓански организации за борба против корупцијата“ и УСАИД.

За потребите на проектот на УСАИД за граѓанско учество, на самата дебата исто така беа презентирани и наодите од истражувањата од страна на претставници на агенцијата за истражувања „Брима Галуп“.

Заменик министерот Павлески, во своето обраќање  ја потенцираше исклучителната важност на јавната администрација во целост, но особено значајно на локално ниво, затоа што постојано се зборува за подобрување на испораката на локалните јавни услуги, а се заборава дека тие услуги ги испорачува локалната администрација, која што треба да биде професионална, деполитизирана и обучена. За жал партизацијата особено на јавната администрација во последните 12 години, кај граѓаните ја зголеми недовербата во системот и ја сведе на минимум надежта за правда, правичност и еднаков третман.

„Според презентираното од истражувањето, позитивните трендови после локалните избори и надежта меѓу испитаниците, ни даваат и на нас политичарите верба дека сме на вистинскиот пат, но исто така и обврска да продолжиме да работиме за  да им обезбедиме на сите наши граѓани подобри и поквалитетни услуги и подобри услови за живот, на целата територија на Република Македонија“, изјави заменик министерот Дејан Павлески.