25/07/2024
Македонија

Денот на Републиката – 2 Август, Илинден, свечености и присуство на владини делегации на неколку локации

Свеченостите по повод Денот на Републиката – 2 Август, Илинден, во Скопје започнуваат во 10:00 часот пред спомениците на АСНОМ и на Никола Карев. Таму свежо цвеќе ќе положат Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери и владина делегација составена од министрите за труд и социјална политика, за финансии и за дијаспора, Мила Царовска, Драган Тевдовски и Едмонд Адеми.

Потоа, во 10:30, истата делегација ќе се поклони и ќе положи свежо цвеќе пред споменикот на првиот Претседател на Президиумот на АСНОМ Методиј Андонов Ченто.

На крајот, односно во 10:45 свое обраќање ќе има Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери.

Празникот ќе се одбележи и во Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце, со почеток во 11:00 часот. Свежо цвеќе ќе положи владината делегација предводена од Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, а во чиј состав ќе биде вицепремиерот и министер за надворешни работи, Оливер Спасовски, како и министрите за надворешни работи, за правда и за култура, Никола Димитров, Рената Десковска и Асаф Адеми.

Во 11:30 часот е предвидено обраќање на Премиерот Зоран Заев.

Свеченоста во Пелинце ќе биде збогатена и со културна програма. Свој настап ќе има хорот Вардар, ансамблот Танец ќе изведе неколку традиционални македонски ора, додека културно уметничко друштво Емин Дураку, ќе изведе сплет од албански песни и ора.

На Мечкин Камен, во Крушево, Денот на Републиката и државните почести по повод годишнината ќе ги одбележи Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.

Во 09:30 часот ќе биде положено свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, а во 10:00 часот на Споменикот на хероите – Слива. Точно напладне, односно во 12:00 часот, ќе биде положено свежо цвеќе на Мечкин Камен, по што следува обраќање на Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.

На Мечкин Камен, ќе присуствува и владина делегација составена од Заменик на Претседателот на Владата, Кочо Анѓушев, министрите за транспорт и врски, Горан Сугарески, за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и за здравство, Венко Филипче.

Илинден ќе се слави и во Смилево. Таму се обележуваат 115 години Илинден и 76 години од првата борбена акција на Битолско – Преспанскиот Партизански Одред „Даме Груев“ – Ослободување на Смилево. По тој повод, во 09:00 часот свежо цвеќе ќе биде положено на три спомен обележја: могила на Даме Груев – обелиск, на споменикот на Смилевските илинденци – обелиск и на спомен плочата на Партизанскиот одред „Даме Груев“.

Во Смилево, Владата ќе ја претставуваат министерот без ресор, Зоран Шапуриќ, заменик – министерот за локална самоуправа Дејан Павлески и националниот координатор за здравство, Гоце Чакаровски.