26/04/2024
Македонија

Директорот на АХВ, Атанасов одржа состанок со неформалната „Коалиција против ГМО“

Директорот на Агенција за храна и ветеринарство Зоран Атанасов одржа работен состанок со претставници од неформалната група „Коалиција против ГМО“ на кој се разговараше за најавените измени во Законот за безбедност на храната за регулирање на трговијата со производите кои содржат ГМО. Од страна на директорот Атанасов на претставниците на оваа неформална група презентирани им беа надлежностите на Агенцијата за храна и ветеринарство во делот на ГМО храната, како и основите за регулирање на производството и одредбите за заштита на животната средина кои се во надлежност на други државни институции.

Надлежноста на Агенцијата за храна и ветеринарство, како што рече Атанасов, е во делот на уредување на легислативата и контролата на ГМО храната и ГМО храната за животни, но, не и за одобрување и пуштање во промет на ГМО семињата, ниту за култивацијата и одгледувањето на култури кои се генетски модифицирани. Агенцијата не е надлежна институција ниту за контрола на влијанието на овие генетски модифицирани култури врз животната средина и врз диверзитетот во природата, за што се надлежни други институции. Регулирањето на увозот и трговијата со оваа категорија храна во Република Македонија, според него е од исклучително голема важност за заштита на правото на потрошувачите и нивното право на избор каква храна ќе консумираат, но и заради контролата која ја спроведуваат инспекциските служби на Агенцијата.

На состанокот стана збор и за евентуална доработка на некои од предложените одредби од Законот за безбедност на храната со кој ќе се допрецизира контролата на увозот, преработката и пуштањето во промет на ГМО храна и ГМО храна за животни, за што наскоро, како што најави директорот Атанасов ќе се одржи јавна трибина во која ќе бидат вклучени и на која ќе земат активно учество сите засегнати страни – институциите на системот, науката и бизнис операторите со храна.