26/04/2024
Македонија

Две дебати по повод 70 години од Уметничката галерија / Национална галерија на Македонија

„Институција за можните иднини – две дискусии за Национална галерија на Македонија“ е насловот на двете дебати со кои ќе биде најавен јубилејот 70 години од основањето на Уметничката галерија / Националната галерија на Македонија…

На првата дебата, која ќе се одржи утревечер (5 декември), во Даут пашин амам со почеток од 19 часот ќе учествуваат поранешни директори на оваа институција, како и актуелната директорка Дита Старова Ќерими.

Втората дебата ќе се одржи на 12 декември (вторник) во 19 часот, исто така во Даут пашиниот амам, а на дискусијата ќе учествуваат повеќе историчари на уметност, уметници, теоретичари и куратори. Куратор на проектот е Ивана Васева, истражувачка и авторка на повеќе интердисциплинарни проекти.

Двете дебати поставуваат повеќе клучни прашања, меѓу кои и кое значењето на уметничката колекција, како трезор на идеи; кои се параметрите и парадигмите врз кои се гради поставката во Националната галерија на Македонија; односот помеѓу традицијата и современоста; како го „вреднуваме“ квалитетот и според кои критериуми е тој разгледуван во изминативе 70 години…Двата настани се конципирани во форма на видео интервјуа водени врз основа на прашања кои понатаму се поставуваат како основи за разговори, коментари и анализи меѓу учесниците и публиката во форма на јавна дискусија.