27/04/2024
Македонија

„Европска диплома“ од 11 до 20 мај, дискусии и работилници за културни политики и менаџмент

Локомотива – Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата  ја организира програмата  “Европска диплома за проектен менаџмент културата 2018/2019”, која се одржува во периодот од 11 до 20 мај во Охрид, Струга и Скопје.  Првиот дел од програмата е целосно поддржан од Министерство за култура на Република Македонија, а се реализира во соработка со Музејот на современа уметност, Националната галерија на Македонија и Здружението “ИНКА” од Струга…

Како дел од програмата, во Македонија присуствуваат 15 културни оператори од Франција, Норвешка, Србија, Сирија, Буркина Фасо, Полска, Беларусија, Шведска, Белгија и Холандија, кои заедно со културните оператори од институциите, како и од независниот сектор од Македонија, ќе имаат можност да проследат предавања од експерти од Европа на теми: „Перспективи и програми од областа на културата на Европска Унија“ со Бенедикт де Броувер, „Поттикнување на промена и развој во управувањето со проекти” со Џонатан Гудакр,  “Партнерски проекти за културна соработка и културно вмрежување” со Жан Пјер Деру.

Во рамки на програмата наменета за пошироката јавност, ќе се одржи дискусија на тема „Културни политики на Република Македонија и меѓународна соработка” на која ќе учествува министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, претставници од институциите за култура во Македонија, од независната сцена и експерти. Дискусијата ќе биде модерирана од Жан Пјер Деру. Оваа дискусија ќе се одржи на  17 мај (четврток)  во 18:00 во Кино Култура.

Во склоп на програмата, културните оператори од Европа ќе посетат и наши институции и организации од независниот сектор и ќе се запознаат со културните оператори од Македонија и нивната работа, со цел остварување на понатамошни меѓународни соработки.

Програмата “Европска диплома за проектен менаџмент во културата 2018/2019” е во организација на Фондацијата Марсел Хиктер од Брисел  која ја организира веќе 20-тина години, и преку која се вмрежуваат и развиваат професионални капацитети на над 2.000 културни оператори од целиот свет.

Првиот дел од “Европска диплома за проектен менаџмент културата 2018/2019”, организиран од Локомотива, а целосно поддржан од Министерство за култура на Р.Македонија, е во соработка со Музеј на современа уметност, Скопје, Национална галерија на Македонија, Скопје и Здружение “ИНКА”, Струга. Програмата “Европска диплома” има за цел да ја поттикне културната разновидност и меѓурегионалните размени. Преку подобрување на вештините на културните менаџери во областа на културниот менаџмент, програмата настојува да се развијат капацитети и алатки потребни за културна соработка во Европа, а на тој начин да се издигне културата во Европа на едно повисоко ниво.