27/07/2024
Спорт

ФФМ го одржа Редовното Генерално Собрание

Фудбалската федерација на Македонија го одржа Редовното Генерално Собрание. 

На Редовното Генерално Собрание во Скопје, присутните делегати го усвоија извештајот на претседателот и Управниот одбор на ФФМ за 2022. година.

Највисокото тело на федерацијата ја усвои завршната сметка за минатата година и буџетот на федерацијата за идната година, а беше усвоен извештајот на независниот ревизор. Делегатите на Собранието едногласно ги усвои извештајот од Администрацијата на ФФМ за исполнување на стратегискиот план 2021-2025, а беше усвоена и Стратегијата за социјална одржливост.

Работниот дел од денешното Редовно Собрание на ФФМ го следеа претставници на УЕФА и ФИФА. Денис Бастари, претставник на одделот за Национални асоцијации ја претставуваше УЕФА, додека Елкан Мамадов и Лоренцо Каваљари беа претставници на ФИФА. 

Муамед Сејдини – претседател на ФФМ: 

Во изминатите години успеавме да реализираме голем број на проекти и би сакал да се заблагодарам на сите во фудбалското семејство кои дадоа свој придонес. Овој тим е синоним за успех и надеж.

За федерацијата и понатаму стратешки важно е вложувањето во инфраструктурата. До сега вложувавме во терени насекаде низ Македонија, но она што е важно да се нагласи е дека во наредниот период ќе работиме на подобрување на условите и на нашиот тренинг центарот „Петар Милошевски“.

Со Управниот одбор ќе ја донесеме најдобрата одлука и мислам дека во наредниот период ќе можеме и поконкретно да зборуваме за тоа. Поентата не е само да се фотографираме, туку да ги покажеме конкретните чекори кои ги преземаме. Преку стратешки и проектен пристап, се подобрува фудбалската инфраструктура насекаде низ државата, градиме и уредуваме нови и постоечки стадиони, трибини и услови за тренинг.

Наша обврска е да создадеме максимални услови за нашите фудбалери и стручниот штаб на сите репрезентативни селекции. Да се чувствуваат комотно во нивната работа и да бидат секогаш најдобри на теренот како што и го покажуваат тоа и постојано го докажуваат.

Наша визија е пласман на големите натпреварувања да биде нормална работа и да станеме редовен учесник на истите. Успехот поставува нови стандарди на работа и професионалност, а тоа е и главна мотивација  за новите генерации што доаѓааат.

На стара слава не се живее, имаме план и програма и одиме чекор по чекор. Нашата програма за работа е квалитетно осмислена и ја следи федерацијата во однос на целите и тоа што треба и што може да се направи. Во однос на тоа имаме голема поддршка и помош од УЕФА и ФИФА за што сме бескрајно благодарни.

Не бегаме од предизвиците кои се пред нас, напротив, подготвени сме и се радуваме на новите искушенија“. 

Елкан Мамадов – претставник на ФИФА:

Сакам да ве поздравам во име на нашиот претседател Џани Инфантино и генералната секретарка Фатма Самура. Ова е шанса да ја посочам одличната соработка на ФФМ со ФИФА, рефлектирана во насока на развојот на фудбалот и заедничката работа ќе продолжи да носи бенефит за вашата убава земја. ФФМ успешно спроведува програми што ги нуди ФИФА, а посебно ФИФА Форвард – програмата и драго ми е што средствата се користат ефикасно, а најмногу за клучната компонента – инфраструктурата. ФИФА почна трет циклус со ФИФА Форвард и со нетрпение ја чекаме соработката, а немаме сомнеж дека средствата ќе се искористат ефикасно и паметно, сѐ со цел за развој на фудбалот. Честитки за посветеноста и напорната работа, а ФИФА ќе продолжи да ве поддржува“. 

Денис Бастари – претсатавник на УЕФА

Европскиот фудбал се соочи со многу големи предизвици и во изминатата година, но покажавме солидарност и поддршка едни за други. Сплотеноста и солидарноста е клучот за надминување на сите потешкотии. Треба да продолжиме да го развиваме фудбалот, а со зголемениот обем на хет-трик програмата на УЕФА ние ќе продолжиме да го поддржуваме фудбалот и да инвестираме насекаде низ Европа. Фондот за хет-трик го зголемивме за 21 осто и сакам да посочам дека ќе продолжиме со успешните проекти, а многу сме среќни затоа што со ФФМ ќе продолжиме по истите патеки и во иднина. Фудбалот да го одржиме на ова атрактивно ниво. Вие ја имате нашата поддршка на тој пат“. 


WebOhrid / 27.05.2023 / ФФМ