18/06/2024
Македонија

Филипче: Општата болница во Гевгелија одлично се справува во услови на коронавирус

Денеска, министерот за здравство, Венко Филипче, беше во редовна посета на Општата болница со проширена дејност Гевгелија. Тој оствари средба со директорот на болницата Митко Крџев, како и со вработените во оваа јавно-здравствена установа.

Во текот на епидемијата со Ковид-19, во кругот на болницата беше формиран посебен пункт за земање брис за Ковид-19 со целосно одделен пристап за да се анулира можноста и ризикот од непотребно движење на потенцијално заразени лица. Во просториите нема прием на останати пациенти и комплетно е ставена во функција на потребите на епидемиолошка служба. Екипи од ЦЈЗ и Општа Болница Гевгелија во текот на епидемијата се грижеа за граѓаните на домашно лекување, како и за граѓаните кои беа сместени во државен карантин во хотелите во околината на Гевгелија.

„Општата болница во Гевгелија одлично се справува во услови на коронавирус. Нема ниту еден случај на заболен од ковид-19 меѓу вработените во гевгелиската болница. Имаат добар протокол и организиран систем за работа.“ – рече Филипче.

Болницата во Гевгелија згрижува и лекува пациенти во одделите за интернa медицина со кардиологија, физикална медицина и рехабилитација, општа хирургија, гинекологија и акушерство, радиодијагностика, неврологија; психијатрија, центар за ментално здравје, оддел за детски болести со постнатално згрижување, офталмологија, оториноларингологија, итна медицинска помош и домашно лекување, за превентивна и стоматолошка здравствена заштита на предучилишни и училишни деца, патронажна служба, био-хемиско лабораториска медицина и патолошка анатомија, а во рамки на болницата функционира и болничка аптека.

Во изминатите две години во болницата во Гевгелија, беа реализирани повеќе инвестиции од страна на Министерството за здравство, но и преку преку проектот „Заеднички активности за заштита и подобрување на здравјето на луѓето во прекуграничната област“ (IpA SHIELD II) со финансиска поддршка од ИПА-ППС со Грција.

„Вложувањата во изминатиот период беа насочени кон подобрување на условите во болницата, при што беше направена целосна реконструкција и проширување на Дијабет центарот во современ центар кој ги задоволува потребите на граѓаните. Направена е целосна реконструкција на биохемиската лабораторија во современа лабораторија со високи стандарди, изградена е нова болничка аптека. Реконструирани и обновени се и амбулантите за неврологија и ортопедија со урологија, невропсихијатриско одделение, како и болничките соби во физикална терапија. Во оваа установа, целосно е подобрена помошната болничка инфраструктура во смисла на реконструкција на ходници и тоалети за пациенти, а извршени се градежни интервенции и во кругот на болницата – паркингот и оградата”, рече министерот Филипче.

Во Општата болница во Гевгелија во тек е изградбата на нова хирушка сала. Дел од инвестициите и изведбените работи се реализирани.

„Добрата и опремена болница значи многу, како за пациентите кои се третираат од целиот овој регион, така и за здравствените работници кои заслужуваат најдобри услови за работа. Општата болница во Гевгелија покрива подарчје од околу 50.000 граѓани, а заради близината со границата со Грција често се користи за здравствена поддршка и на граничниот премин. Задоволен сум од лекарите, специјалистите и целокуниот персонал, од нивната мотивираност да направат повеќе за пациентите и јавното здравје на подрачјето на кое делуваат. Мило ми е што токму во болницата во која порано имавме недостаток, во моментот имаме 12 специјализанти, а подобрените услови во болницата, зголемените плати на лекарите специјалисти,  верувам ќе бидат дополнителен мотив за нив да останат тука во болницата и да се грижат за здравјето на граѓаните.“, – потенцираше Филипче и додаде дека укинувањето на квотите за лекови на рецепт е една од клучните придобивки имплементирани од Министерството за здравство. Граѓаните имаат лекови во секое време, во кој било период од месецот.

Болницата има капацитет од вкупно 130 болнички кревети. Болницата во Гевгелија има 233 вработени, 48 доктори (31 специјалист, 5 доктори на медицина и 12 на специјализација), 2 специјалисти стоматолози  и 1 доктор на стоматологија, медицински персонал 132, помошно технички и административен персонал 50.

Оваа болница опслужува околу 50.000 граѓани од 4 општини – Гевгелија, Богданци, Дојран и Валандово.