29/03/2024
Македонија

Финансиска поддршка од 20 милиони евра за компаниите од преработувачката индустрија

Третиот пакет мерки кој го донесе Владата за справување со негативните ефекти од коронакризата предвидува поддршка за граѓаните, за бизнисот, и за компаниите и има главна цел, ревитализација, опоравување на економијата и стимулирање на потрошувачката и на индустријата.

Министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција во Владата информираше за Уредбата со законска сила за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во пост КОВИД -19 периодот која на предлог на Министерството за економија вчера беше усвоена во Владата.

Министерот потенцираше дека Третиот пакет мерки кој го донесе Владата за справување со негативните ефекти од коронакризата предвидува поддршка за граѓаните, за бизнисот, и за компаниите и има главна цел, ревитализација, опоравување на економијата и стимулирање на потрошувачката и на индустријата.

„Една од мерките во Третиот сет мерки која што ja најавивме е Финансиската поддршка од 20 милиони евра наменета за приватниот сектор, односно за компаниите кои и во оваа кризна ситуација продолжија да работат и да инвестираат во нивниот раст и развој, конкурентност и модернизација.
Денеска сакам да информирам дека на предлог на Министерството за економија Владата ја донесе Уредбата со законска сила за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во пост КОВИД -19 периодот со која почнува реализацијата на оваа мерка“, потенцираше Бектеши.

Според министерот целта на оваа мерка која е преточена во Уредбата е да се помогнат компаниите кои ќе ги изгубат пазарите за повторно освојување на пазарите, зголемување на нивната конкурентност, модернизација на процесите, зголемување на продуктивноста со што ќе се одржат деловните потфати кои ќе придонесат за опоравување на економијата на земјата, преку реализација на инвестициски проект во пост-ковид периодот од јули до декември 2020 година.

Според министерот оваа мерка опфаќа компании кои што во текот на 2020 година имаат во реализација инвестициски проект, работат во производствени сектори кои се дефинирани како производство, освен оние кои се исклучени од оваа можност согласно Законот за контрола на државна помош, деловни субјекти што вршат дејност трговија, доколку инвестираат во основни средства, вршат дејности од областа на информациско-комуникациски услуги, доколку инвестицијата опфаќа воспоставување на нова организациона единица за технолошки развој, истражување и/или развој на ново софтверско или хардверско решение.

„Висината на финансиската поддршка изнесува 25% од реализираната инвестиција според инвестицискиот план кој што ќе го достави апликантот но не но не повеќе од 40.000 евра за компании кои оствариле вкупен приход во 2019 година не повисок од 1.000.000 евра, 100.000 евра за компании кои оствариле вкупен приход во 2019 година од 1.000.001 евра до 10.000.000 евра, 140.000 евра за компании кои оствариле вкупен приход во 2019 година од 10.000.001 евра до 50.000.000 евра , 200.000 евра за компании кои оствариле приход во 2019 година повеќе од 50.000.000 евра“, прецизираше Бектеши.

Според Уредбата, како што појасни министерот, компанијата која ќе добие финансиска поддршка има обврска 31.01.2021 година да достави Извештај за текот на реализација на инвестицискиот план со докази дека истиот се реализира во рамките на инвестицискиот план за кој е исплатена финансиската поддршка. Доколку деловниот субјект не успее да ја заврши инвестицијата или не успее да ја докаже минимум 80% од вредноста на инвестицијата треба да ги врати средствата не подоцна од 01.03.2022 година.

„За реализација на оваа мерка како што кажав предвидени се 20 милиони евра, а Министерството за економија ќе објави Јавен оглас кој ќе трае до 31 јули 2020 година на кој што ќе може да се пријават компании од сите големини, а кои што ги исполнуваат условите. Компаниите кои што ќе аплицираат ќе треба да достават меѓу другото: инвестициски план, тековна состојба на деловниот субјект, биланс на успех за 2019 година, пресметка на аконтациите на данокот на добивка за месеците март, април и мај 2020 година“, кажа Бектеши и додаде дека главна цел на Владата во овој кризен период е да се поддржат компаниите од оваа криза да излезат победници, тоа ќе придонесе за позитивни ефекти во целата економија, а во исто време компаниите ќе се мотивираат да инвестираат во својата деловна активност и да отвораат нови работни места како одговор на ковидкризата и закрепнување по неа.