Форум во Давос: Се среќаваат и министрите за култура, засилена акција во Годината на европското културно наследство

Во рамки на традиционалниот Светски економски форум во Давос, Швајцарија, од 20 до 23 јануари 2018 ќе се одржи и конференција на министрите за култура од земјите – потписнички на Европската културна конвенција и од земјите набљудувачи на Советот на Европа. На конференцијата во рамки на Форумот во Давос ќе се обрати и министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски…

Конференцијата на министрите за култура во Давос е посветена на заштитата на културното наследство и на градење заедничка европска политика, со која културното наследството ќе биде заштитено и зачувано заедно со историските објекти, инфраструктурата и јавниот простор, што сето заедно ќе биде референтна точка за континуирана просторна трансформација и напредок.

На оваа конференција организирана на почетокот на Годината на европското културно наследство, министрите ќе ги усогласат заклучоците околу Декларацијата Давос 2018, со која се промовира и новиот термин во културата, баукултур (Baukultur), кој подразбира култура на изградба во поширока смисла, што опфаќа повеќе процеси за висок квалитет во архитектурата, животната средина, заштитата на културното наследство и повеќе општествени области кои влијаат на квалитетот на животот.

Конференцијата ја нагласува неопходноста од холистички пристап кон баукултур како општо добро и заедничка одговорност, а и итна потреба за заедничка акција за подобрување на изградената средина во градовите и руралните средини. Висококвалитетниот баукултур ќе го обезбеди квалитетот на животот во Европа, одржувајќи социјална кохезија и благосостојба, ќе поттикне енергични, динамични и мешани населби, ќе ја заштити животната средина и ќе генерира позитивна економска вредност. Со својата визија, која ја опфаќа целата изградена средина и е насочена кон општото добро, концептот на висококвалитетен баукултур додава клучен аспект на идејата за одржливост.