19/04/2024
Охрид

ГДУ: Општината и градоначалникот да се запрашаат како се трошат парите на граѓаните и кој ги троши и зошто

Граѓанско Демократската Унија (ГДУ) испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Реалната слика за тоа како функционира нашата Oпштина и нејзините претпријатија ја нагласивме во неколку наврати, но вчерашната случка го потврдува тоа несовесно однесување и профитерскиот нагон на неколку поединци.

Имено вчера на улицата „Асном“, пред Тамаро маркетот, беа поставени бетонски топки за да ги спречат несовесните граѓани кои се паркираат и ја узурпираат тротоарската површина. Замислете истите тие бетонски топки беа отстранети по неколку часа од друго јавно претпријатие. Сите овие маневри ни наликуваат на некоја раштимана банда која нема никаква грижа спрема парите на охриѓани. Ова е уште еден случај во низа, каде неколку особи на сметка од граѓаните и злоупотребувајќи ја позицијата сакаат да се стекнат со нелегални пари и грубо го кршат законот, а Општината, инспекторите и надлежните органи не преземаат ништо.

Ние од ГДУ и од името на нашите сограѓани апелираме до Општината и градоначалникот да се запрашаат како се трошат парите на граѓаните и кој ги троши и зошто. Но и да повнимаваат кој би требало да земе процент и зошто? Кој требало да наплати и зошто? И кој ќе го надомести овој трошок, поради неодговорноста на неколку личности.

Јавно бараме случајот да се расветли и да има соодветни санкции за лицата кои ја направиле штетата што нашите сограѓани од свој џеб треба да ја платат.“ – стои во соопштението од Граѓанско Демократската Унија (ГДУ).