29/04/2024
Македонија

Градоначалникот на Шибеник Жељко Буриќ во посета на Скопје и концерт „Далмацијо носим те у крви“

По повод Денот на независноста на Република Хрватска, утревечер, во Салон 19,19, КИЦ, од 19 часот, ќе се одржи концерт насловен „Далмацијо, носим те у крви“, во изведба на шибенските кантаутори Игор Локас, Јосип Башиќ и Крешимир Шпања.

Шибенските уметници деновиве се гости на Заедницата на Хрватите во Македонија.

Истовремено, од денеска до среда, во организација на невладината организација „Хрватско-македонска тангента“, во посета на Скопје, престојува градоначалникот на Шибеник д-р Жељко Буриќ со соработниците Мирјана Журиќ, начелник за општествени дејности и Дино Караџоле, директор на Туристичката заедница на Град Шибеник.

Предвидени се голем број средби со личности и институции од јавниот и политичкиот живот на македонскиот главен град. Покрај средбата со градоначаникот на Скопје, Петар Шилегов, делегацијата на Градот Шибеник ќе го посети и македонскиот парламент, како и владините агенции за иселеништво и промоција на туризмот.

Во текот на престојот, градоначаникот Буриќ ќе оствари средби и со директорот на еминентната клиника „Жан Митрев“ (една од најдобро опремените во регионот) и со директорот и ректорот на Универзитетот Американ колеџ, каде ќе стане збор за можноста за идна соработка.

Исто така, е предвидена средба со претставниците на Заедницата на Хрватите во Македонија.

Веле Митаноски