27/04/2024
Охрид

Градоначалникот Пецаков оствари средба со делегација од турскиот град Болу

Градоначалникот Кирил Пецаков денеска оствари средба со делегација на Стопанската и индустриската комора на градот Болу од Република Турција.

Делегацијата беше предводена од претседателот на Управниот одбор на комората, Абдула Алемдар и претседателот на собранието на Болу, Ајдоган Текин. На средбата присуствуваа и претставници на стопанскиот сектор, претставници на различни индустриски капацитети и туристички организации од Болу.

Градоначалникот Пецаков и гостите разговараа за можностите за зајакнување на соработката меѓу Охрид и Болу во повеќе општествени сфери, пред се во делот на економијата, туризмот и културата. Во фокус на средбата беше и можноста за инвестирање во туристичкиот сектор на Охридското крајбрежје, како и за условите и прописите за странските инвеститори во делот на индустриската зона.

Градоначалникот посочи дека од година во година се зголемува бројот на турски туристи кои го посетуваат Охрид и изрази надеж дека ваквата тенденција ќе продолжи и во иднина. Тој истакна дека заедно со Агенцијата за промоција на туризмот ќе работат на отворање нови туристички пазари во Болу и останатите турски региони.

Болу е град во северна Турција и административен центар на провинцијата Болу и на округот Болу. Градот е лоциран на потегот помеѓу Истанбул и Анкара и има богата културна историја, знаменитости и карактеристични природни убавини.


WebOhrid / 07.10.2023 / Општина Охрид