30/04/2024
Охрид

Градоначалникот Пецаков приреди ифтарска вечера за граѓаните од муслиманска веросиповед

Во пресрет на големиот празник Рамазан Бајрам, градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков, вечерва приреди Ифтарска вечера за граѓаните со муслиманска веросиповед.

Градоначалникот Пецаков во своето обраќање пред гостите истакна: 

-Ми претставува особена чест и задоволство што во духот на заедништвото и взаемното почитување, ја организираме оваа традиционална Ифтарска вечера, со цел да испратиме порака за поголема хуманост и солидарност.

Рамазанскиот пост ги буди и ги поттикнува најголемите човечки вредности и ни дава поука дека добрите дела се основен предуслов за мир и благосостојба. Нека овој свет месец ви донесе радост, добра мисла за Вас и вашите најблиски и нека биде значаен мотив за поголемо разбирање и хармонија.

Празниците не учат да простуваме, помагајќи си едни на други и затоа посакувам вербата во Бога да ни даде сила да продолжиме по патот на соживотот, како една од главните придобивки на мултиетничкото живеење и заеднички да градиме поубава иднина за нашиот Охрид и нашата Македонија.

Нека ви е на здравје постот и во радост и мир да го дочекате големиот празник Рамазан Бајрам. Нека вашите молитви ви донесат многу љубов, а вашите домови нека се исполнат со радост, која ги грее срцата и носи мир во душите.

Убеден сум дека и во иднина ќе продолжиме на ваков начин, сполотени и заеднички, да ги чествуваме сите големи верски празници и да создаваме моменти вредни за спомен и достојни за пофалба, рече Пецаков во своето обраќање.

Ифтарската вечера во покровителство на градоначалникот се организира традиционално неколку години наназад, со цел да ги зајакнe меѓурелигиските врски во Охрид. Инаку Рамазанскиот пост завршува наредната седмица, а муслиманските верници ќе го прослават големиот празник Рамазан Бајрам во петок на 21-ви април 2023 година