29/04/2024
Македонија

Иванов: И покрај Брегзит, ќе продолжи британската поддршка за Република Македонија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, во Лондон оствари средба со спикерот на Долниот дом на британскиот Парламент, г. Џон Беркау и со спикерот на Горниот дом на британскиот Парламент, Лорд Фаулер.

И покрај Брегзит, билатералната поддршка од Обединетото Кралство за Република Македонија ќе продолжи, е пораката што претседателот Иванов ја доби на денешните средби со спикерот на Долниот дом на британскиот парламент, г. Беркау и со спикерот на Горниот дом на британскиот парламент, г. Фаулер.

Претседателот Иванов рече дека на средбите разговарале за најактуелното прашање во Обединетото Кралство, за Брегзит. „Тоа е нешто сосема ново. Следува голема постапка која досега не постоела, нема искуство за тоа како ќе се одвива. Нивното убедување е дека што и да се случи, на билатерален план ќе јакне поддршката што ја имаме од Велика Британија, дека тоа ќе продолжи”, изјави претседателот Иванов по денешните средби во Лондон.

На двете средби стана збор за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство, кои следната година ќе одбележат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи.

„Го отворивме прашањето на формирањето на парламентарната група за пријателство во британскиот парламент, затоа што во македонскиот парламент веќе е формирана. Да продолжи соработката меѓу парламентите, бидејќи идната година одбележуваме 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Обединетото Кралство и Република Македонија. Исто така, идната година Обединетото Кралство е домаќин на Берлинскиот процес, што е исклучително значаен за нашиот регион. Иако тие се во фаза на Брегзит, сепак своите обрски што ги имаат превземено ги остваруваат и реализираат. Ние искажавме очекување да продолжат со нивната поддршка кон регионот и кон Република Македонија, како што го правеле тоа досега“, рече претседателот Иванов.

На средбите со спикерите на Горниот и на Долниот дом на британскиот парламент, додаде македонскиот претседател, беа разменени мислења за состојбите во регионот, вклучувајќи ја и мигрантска криза и улогата на Република Македонија во справувањето со неа.

Претседателот Иванов, во рамки на работната посета на Обединетото Кралство, вечерва ќе има обраќање во Кралскиот институт за меѓународни односи „Чатам хаус” на тема: “Македонија, миграциите и безбедноста: научени лекции”.