24/04/2024
Македонија

Иванов на средба со претставници на Сојузот на извидници на Македонија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска прими претставници на Сојузот на извидници на Македонија, по повод 12. Македонска извидничка смотра, којашто ќе се одржи во извидничкиот камп во Скребатно, Охрид.

Претставниците на Сојузот на извидници на Македонија го запознаа претседателот Иванов со тековните активности, во пресрет на одржувањето на 12. Македонска извидничка смотра, како и со целокупната програма на којашто ќе учествуваат околу 1000 извидници, од Македонија, Европа и од светот.

Претседателот Иванов изрази поддршка за активностите на Сојузот на извидници на Македонија, како и за нивниот значаен придонес, нудејќи можност за развој на вештини, знаења и искуства во рамките на неформалното образование кај младите, но и можност за стекнување и градење нови пријателства.

На средбата, претставниците на Сојузот истакнаа дека смотрите се организираат на 5 години и дека оваа година се одбележува јубилеј, 65 години постоење на Сојузот на извидници на Македонија. Годинашната 12. Македонска извидничка смотра ќе се реализира во периодот од 14 до 22 јули, под покровителство на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов.