27/04/2024
Македонија

Иванов на средба со претставници од Националниот совет на инвалидските организации

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност – 3 Декември, денеска прими претставници од Националниот совет на инвалидските организации на Република Македонија.

На средбата присуствуваа претставници на Националниот сојуз на слепи на Република Македонија, Националниот Сојуз на глуви и наглуви на Република Македонија, Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – Порака и на Националниот сојуз на цивилни инвалиди од војната на Македонија.

Претставниците на Националниот совет на инвалидските организации на Република Македонија изразија благодарност за досегашната поддршка од претседателот Иванов, како и за можноста преку ваквите редовни средби, да го информираат за положбата на лицата со инвалидност, за актуелните предизвици со коишто тие се соочуваат, како и за нивните активности во насока на доследно спроведување на законската легислатива, со цел подобрување на положбата на лицата со инвалидност во Република Македонија.

Македонскиот претседател им порача на претставниците од Националниот совет на инвалидските организации на Република Македонија, дека е неопходнa бескомпромиснa и континуиранa заложба за афирмирање на нивните потреби и права, изразувајќи поддршка на ваквите активности, со цел решавање на приоритетните барања на инвалидските организации во Република Македонија.