06/11/2024
Охрид

Избрани новите членови на Извршниот и Надзорниот одбор на СДСМ – Охрид

По неодамнешниот реизбор на Лазе Таневски за претседател на Општинската организација на СДСМ – Охрид синоќа во демократска и конструктивна атмосфера беа избрани новите членови на Извршниот и Надзорниот одбор на партијата на локално ниво.

Поздравувајќи го градоначалникот на општина Охрид Константин Георгиески и пратеничката Жаклина Лазареска како и преставнците на месните партиски ограноци, лидерот на СДСМ – Охрид Лазе Таневски рече: „Ја користам приликава да кажам дека низ една широка и демократска расправа – транспарентно оставивме да оди кандидирањето на новите, идни членови на највисокото раководство на СДСМ – Охрид. Ве уверувам дека изборот ќе ја покаже рамнотежата меѓу искусните и повозрасните и младите кои доаѓаат и треба да го продолжат и надградат патот на СДСМ на локално ниво. Идните ваши претставници ќе бидат наша и ваша врска со базата и раководството, општината, партијата на централно ниво.“

Во обраќањето на изборната конференција, пратеничката од Охрид, Жаклина Лазаревска, како делегиран претставник од генералниот секретар и ИО на СДСМ зборуваше за промените во работата на партијата, новиот систем што се воспоставува, начинот на делување и функционирање. За единството, за предизвиците кои се пред СДСМ како владеечка партија на локално и државно ниво: „Во годината кога нашата земја го очекува членството во НАТО, како и почетокот на датумот за преговори со ЕУ сите до еден треба да сме мотивирани и на висина на задачите и целите што се пред нас. Не смееме да ја испуштиме историската шанса и сонот на генерации зад нас и иднината на нашите деца да станеме – конечно дел од светот. Рамноправни, еднакви, со отворен ум и поглед кон светот. Да почнеме да ги црпиме благодетите на глобализмот и принципот на квалитет и успешност,“ – рече Лазаревска.

Извршниот одбор на СДСМ – Охрид како и досега ќе брои 18 членови, а синоќа за членови на одборот се избрани: Ахмет Пател, Тања Костојчиноска, Јован Симонче, Богоја Кумбароски, Марија Миленковиќ, Цветко Ристески, Емилија Танеска, Зоран Родич, Живка Ангелоска, Ана Николоска, Васко Паскали, Зоран Целески, Николина Божиноска, Ристе Недески, Јане Тодороски, Гордана Радеска, Игор Бежоски и Петар Серафимоски.

Познат е и составот на Надзорниот одбор: Бранко Ногачески, Владимир Петрески, Наташа Грозданоска, Љубица Секулоска и Игор Јорданов.

Новиот состав на Извршниот одбор на СДСМ – Охрид на конститутивната седница се очекува да го избере секретарот на партијата.