26/04/2024
Македонија

Изложба „За животните и луѓето“ во Музејот на Македонија

„За животните и луѓето“ е насловена изложбата на Етнографскиот музеј од Загреб која ќе биде отворена утре, среда, 23 мај, во 19 часот, во Музејот на Македонија …

Според информациите од музејот,  оваа исклучителна изложба научно и стручно ја тематизира интеракцијата на животинскиот свет со човекот во културолошка и општествена смисла.

„Авторскиот тим на изложбата преку изложените музејски експонати, текстови, фотографии и документарни филмови ни ја претставува слоевитоста на меѓусебните односи помеѓу луѓето и животните и ги следи промените на овие односи со текот на времето и на глобално и на локално ниво во руралните и урбаните средини.

На еден иновативен начин се прикажани промените во опкружувањето на човекот и соживотот со другите суштества, промовирајќи ги клучните вредности како што се толеранцијата, емпатијата, правата на другите и хуманиот карактер на просторот во кој човекот мора да опстојува во рамнотежа со другите суштества во еколошки сочуваниот простор за така да може да ја обезбеди и својата иднина“, соопштуваат од музејот.

Изложбата која во Музејот на Македонија ќе биде поставена до 7 септември годинава, освен застручната јавност и луѓето професионално ангажирани околу животните, ќе го задоволи љубопитството и на децата и возрасните, ќе понуди информации за љубителите на животни и борците за заштита на правата на животните, воедно ќе  даде и поттик да се сфати важноста на взаемната зависност помеѓу луѓето и животните.