27/04/2024
ОхридСтруга

Извршено осветување на водите во Охридското Езеро и реката Црн Дрим

Денес, на денот кога го прославуваме споменот на светото Крштение Христово, на празникот на Светото Богојавление на Господ наш Исус Христос – Водици, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Димче Азески и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски.

По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Голем Богојавленски водосвет, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон мноштвото верници со пригодна беседа.

По завршувањето на Водосветот, свечената Литија се упати на градското пристаниште, каде што беа осветени водите на Охридското Езеро. Се изврши и традиционалното фрлање на светиот Крст во водите на нашето езеро, а Господ благоволи оваа година крстот да го фати Никола Јакимоски од Охрид.

Митрополитот Тимотеј потоа ги освети и водите на реката Црн Дрим во Струга, а таму светиот Крст падна во рацете на Дарко Паскоски од Струга.


WebOhrid / 19.01.2024 / Дебарско-кичевска епархија