29/03/2024
Охрид

Јавна расправа за проектот за реконструкција на кејот „Македонија“

Денес во големата сала на Општина Охрид, се одржа јавна расправа за проектот за реконструкција на кејот “Македонија“. Средствата во висина од 1,2 милиони евра ќе бидат обезбедени преку Светска банка и од буџетот на Општина Охрид.

„Проектот моментално е во финална фаза, обезбедени се сите неопходни согласности од надлежните институции, изготвен е и елаборат за заштита на животната средина со стратешка оценка за влијанието на проектот врз околината. Стигнати сме до фазата на одобрение од Министерството за транспорт и врски, кое очекуваме во наредните десет дена да биде обезбедено, така што имаме комплетен проект “– истакна во воведното излагање градоначалникот Јован Стојаноски.

Основниот проект го изработи фирмата “Астрекс“ од Скопје. Нивниот претставник ги образложи градежните и конструктивни аспекти на проектот, со кој се предвидува реконструкција на кејот во должина од илјада метри, а треба да заврши до јуни следната година.

На расправата учествуваа граѓани на Охрид и  претставници на Министерство за животна средина и просторно планирање, Хидробиолошки институт, Заводот за здравствена заштита, Капетанијата на пристаништа, јавните комунални претпријатија од Охрид и претставници на повеќе невладини организации.
Во расправата видливо беше согласувањето со конструктивно – градежните решенија на изготвувачот, но остана впечатокот дека треба да се подобри архитектонскиот изглед на новиот кеј.