19/03/2024
Охрид

Ќе се градат нови улици и плоштади во Охрид во 2020 година

Градоначалникот Константин Георгиески на денешната средба со новинарите најави проекти кои се од круцијално значење за Охрид и охриѓани, а е предвидено да започнат пролетта 2020 година. Ќе се градат нови улици и плоштади, а ќе се уредува и влезот на градот.

„Се работи за комплетна реконструкција и уредување на влезот од Охрид, од страна на Битола. Тоа е од кружниот тек кај „Здружение на возачи“ до после градските гробишта на улица„15 Корпус“. Оваа улица е во очајна состојба и за неа општината го има изработено основниот и проектот за инфраструктура. Документацијата веќе е испратена до Јавното Претпријатие за државни патишта и очекуваме брза реализација таму. Општината на оваа улица ќе постави атмосферска канализација, а горниот слој на улицата ќе биде изработен со средства од ЈП за државни патишта. На дел од улицата ќе има низок ископ што значи дека прво ќе се изработи улицата па потоа ќе се поставува канализацијата но за еден дел ние како општина ќе мора прво да издвоиме околу 18 милиони денари од буџетот во 2020 година за да ја завршиме атмосферската канализација, по што Јавното Претпријатие за државни патишта ќе пристапи кон изградба на коловозот.

Во врска со проектот за реконструкција на улицата „Македонски просветители“ последниов период ја завршувавме документацијата во однос на изложување парцели и надминување на други административни пречки. Проектот е веќе аплициран за одобрение и е вреден околу 40 милиони денари, средства планирани од буџетот за 2020 година. Но за Охрид преку Министерство за Транспорт и врски се одобрени околу 1 милион и 280 илјади евра средства од Светска Банка, па постои опција овој проект да го аплицираме преку тие пари за следната година.

Што се однесува до улицата „Абас Емин“ административните работи се завршени. Предметот е веќе во Европска банка за обнова и развој и после таа процедура Министерството за транспорт и врски ќе го распише тендерот. Се надевам дека до распишување на изборите ќе биде распишан тендерот од страна на Министерство за транспорт и врски за да може да тече процедурата.

Во врска со планираната реконструкција на плоштадот „Крушевска Република“ проектот е готов и аплициран за одобрение.

Во месец декември годинава се очекува да биде отворен новиот Зелен пазар во Охрид. Дотогаш треба да заврши експропријација на една парцела од 90 метри каде е предвидено да се изгради катната гаража. Потоа ќе следи распишување оглас за јавно-приватно партнерство. Физибилити студијата е завршена.“ – рече градоначалникот Георгиески.

Периодов во Охрид интензивно се работи на проекти кои беа најавени пред неполни два месеци. Се реконструира плоштадот кај месноста „Табана“, а со средства од Центарот за развој на Југозападен плански регион во тек е изградбата на патеката која од „Сааат кулата“ води до Горна порта. Завршен е тендерот за нова канализациона мрежа во с. Лескоец вреден 3,5 милиони денари, и се очекува почеток на реализација на проектот. Потпишан е договор за реконструкцијата на улицата во близина на некогашната касарна „Михајло Апостолски“. Таму тендерот е поминат, избран е најдобар понудувач и по надминување на административни пречки во однос на одобрението за градба ќе се започне со градежни активности. Предвидено е улицата да се пробие, да се изградат тротоари и коловоз, а ќе се постави и ново осветлување.