19/05/2024
Македонија

Китев: Усвоени се законските измени, се отвори можноста државата да ги исплати долговите кон лозарите

Прес конференција, Бетиане Китев, пратеник од СДСМ и коалицијата

Почитувани граѓани, почитувани новинари,

Пратениците вчера ги усвоија измените на Законот за земјоделство и рурален развој. Се постави правен основ државата да ги преземе неподмирените обврски на винарниците кон лозарите.

Со законските измени се создава можност Владата да донесе одлука за дополнителна помош за одреден земјоделски производ, откупен најмногу пред пет години од денот на донесувањето на одлуката, а неплатен од страна на регистриран откупувач.

Дополнителната помош ќе се исплаќа преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој како мерка предвидена во годишната програма за финансиска поддршка во земјоделството.

Со овие измени лозарите кои во периодот 2014-2016 година го предале грозјето во винарници кои биле регистрирани во регистарот на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, а не добиле пари за предаденото грозје, ќе бидат обесштетени и ќе го наплатат својот труд.

Со ова, се исправа неправдата кон овие граѓани, над 1,5 милиони евра ќе завршат кон лозарите во Тиквешкиот регион. Потоа, овие средства државата ќе ги побарува директно од винарниците кои ги направиле долговите кон лозаропроизводителите.

Почитувани,

Обесштетувањето на лозарите е пример за вистинска грижа кон земјоделците, кон граѓаните кои работат напорно и чесно заработуваат.

Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ продолжува да ги решава наследените проблеми. Продолжуваме да носиме мерки што обезбедуваат повеќе пари и повисок животен стандард за сите граѓани.