26/04/2024
Македонија

Компаниите од Стопанска комора на Македонија на работен појадок со Царина и УЈП

Денес (25 април 2018 година) во Скопје, во организација на Стопанска комора на Македонија се одржа работен појадок на компаниите членки на Стопанската комора, со директорот на Царинската управа и директорката на Управата за јавни приходи – како институции чие функционирање најмногу влијае на работењето на компаниите.

Целта на средбата беше продлабочување на соработката во насока на ефикасно спроведување на царинските процедури во прекуграничното движење на стоките и адекватното спроведување на даночната политика, како едни од клучните фактори што влијаат на конкурентноста на македонската економија во меѓународни рамки.

За време на работниот појадок беа презентирани резултатите од истражување спроведено од Комората во комуникација со непосредните учесници – стопанствениците, од кои на најадекватен начин се добиваат информации и сознанија за предизвиците со кои се соочуваат во тековното работење, во насока на заеднички придонес во современите процеси на поедноставување, модернизирање и хармонизирање на царинските и даночните постапки.

Покрај тоа, на настанот свое обраќање имаше и директорот на Царинската управа г-дин Ѓоко Танасоски, кој информираше за досега направеното но и за тоа на што ќе работи Царината во наредниот период во насока на олеснувањето на трговијата. Директорот ги најави измените во царинската регулатива, воведувањето на заеднички контроли со соседните земји, развој на ИТ капацитетите и нагласи дека Царинската управа ќе продолжи со мерките за подобрување на деловната клима и зголемување на конкурентската способност на компаниите, а во согласност со потребите на националната економија.

Директорката на Управата за јавни приходи г-ца Сања Лукаровска, во своето обраќање ги посочи новините и активностите на кои работи УЈП, а претседателот на Стопанска комора на Македонија г-дин Бранко Азески, ја истакна потребата од градење на партнерски односи на компаниите со Царината и Управата за јавни приходи.