24/04/2024
Спорт

Кошаркарската репрезентација се пласира во квалификациите за Евробаскет 2021

Репрезентацијата во машка сениорска конкуренција по нешто повеќе од една година успеа да ги мине претквалификациите за Евробаскет 2021.

Четири натпревари во рамки на првата фаза и уште толку во втората фаза одиграа нашите сениори, на домашен и на гостински терен, и успеаја да се пласираат во квалификациите за континенталниот собир кој треба да се одржи за две календарски години, со идентичен скор и во двете фази. Во првата претквалификациска фаза избраниците на Јорданчо Давитков запишаа три победи и еден пораз (на гости во Швајцарија), а ист е и случајот со втората фаза – три победи и пораз во последниот натпревар (на гости во Романија).

Во натпревар со осцилации во играта, кошаркарите загубија од соодветната селекција на Романија, со 65-53 односно 15-16. 19-13, 12-10 и 19-14 по делници, резултат кој беше доволен за задржување на првата позиција во групата Б која води во директен пласман во квалификациите за ЕП2021.

„Игравме добро во одбраната, но ужасно во нападот. Натпреварот беше исклучително важен за двете репрезентации и мислам дека затоа играта на двете страни беше таква каква што беше. Го остваривме тоа кое го планиравме одамна – се пласиравме во квалификациите, но мораме да работиме повеќе и подобро. Мислам дека во второто полувреме го сменивме начинот на игра во одбраната и ги спречивме противничките кошаркари да реализираат повеќе поени. Не сум среќен со начинот на кој игравме, но среќен сум поради успехот кој генерално го остваривме. Се мачевме две години за да стигнеме до евроквалификациите, а тоа што сега ни претстои е различна приказна.“ – се првите мисли на селекторот Јорданчо Давитков по завршување на последниот натпревар од оваа претквалификациска фаза.

Првиот евроквалификациски прозорец ќе започне претстојниот ноември.