26/04/2024
Македонија

Ковачевски – Петков: Имаме волја за брз напредок во меѓусебните односи

Премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков на прес-конференцијата на крајот од заедничката седница на Владите на Северна Македонија и Бугарија го изразија задоволството од остварениот успех со формализирањето на петте работни групи во повеќе области кои ја поставија нормативната основа за заедничката засилена соработка меѓу двете земји во иднина.

„Навистина и јас сум задоволен од денешните состаноци. Имавме пленарна средба, но уште поважно е што самите министри работеа во работни групи на конкретни проекти и идеи кои што треба да се развиваат во наредниот период“, истакна претседателот на Владата на Северна Македонија Ковачевски на заедничката прес-конференција со премиерот на Бугарија Петков.

Првата група ќе обезбеди соработка во економската област, особено во делот на енергетиката, трговијата, инвестициите, туризмот, земјоделието.

Покрај министрите од економските ресори, оваа група ќе се прошири и со претставници на државни агенции, стопански комори, бизнис кластери и други засегнати страни. Со тоа ќе се обезбеди сестран пристап за да се искористи нашиот огромен заеднички економски потенцијал.

Втората група ќе ги покрива областите од инфраструктурата, транспортот и другите форми на поврзување.

„Тоа е важно за бизнисот, за граѓаните, за целото општество и претставува клуч за нашата заедничка европска иднина“, рече премиерот Ковачевски.

Ковачевски уште додаде дека покрај на Коридорот 8, како најголем инфраструктурен проект за поврзување на двете земји, оваа група ќе работи и на отворањето на авионската линија меѓу Скопје и Софија, и на олеснување на севкупниот патен транспорт.

Оваа група ќе ја зајакне и соработката во телекомуникациите каде најважен проект е намалувањето на цената на роамингот.

Од третата група која е за Европските интеграции и зелените политики очекуваме примена на искуството од европските интеграции на Бугарија заради тоа што таа е веќе 15 години членка на ЕУ, а соработката во рамките на науката, културата и образованието преставуваат основа за градење на долгорочна доверба меѓу граѓаните на двете земји, како и зближувањето меѓу младите е задача на четвртата група во која ќе членуваат соодветните ресори.

„Предвидено е воспоставување на научни конференции особено во делот на природните науки каде што ќе може да се унапредува техничкото и знаењето во другите природни науки што многу влијае на развојот на економијата и индустријата“, подвлече премиерот Ковачевски.

„Петтата група е Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања, а копретседавачите на Комисијата, професорите Ѓоргиев и Димитров остварија средба за да го потврдат календарот и динамиката на средбите во 2022 година“, информираше премиерот Ковачевски на прес-конференцијата.

Премиерот Петков во својата изјава на прес-конференцијата истакна дека заедничката седница ја оценува како исклучително успешна. Во таа насока се потпишаните меморандуми и декларации за соработка кои ја потврдуваат волјата за брзи и квалитетни решенија во различни области за унапредување на вкупните односи меѓу двете земји.

Како посебно важен, Петков ја издвои заложбата двете влади да покренат заедничка иницијатива Коридорот 8 да се врати меѓу приоритетите на ЕУ.

Претседателот на Владата на Бугарија Кирил Петков дополни дека е значајно што и Историската комисија ја договори динамиката и календарот за да се затворат прашањата што се отворени подолг период.


Ковачевски на заедничката прес-конференција со Петков: Имаме план и конкретни проекти кои што ќе значат унапредување на соработката

Претседателите на Владите на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски и на Република Бугарија Кирил Петков на заедничка прес-конференција ги презентираа резултатите од заедничката седница на двете влади.

Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Ковачевски на прес-конференцијата во целост:  

„На почетокот сакам да се заблагодарам на гостопримството од страна на премиерот Петков и од страна на министрите во бугарската Влада. Сакам да се заблагодарам и на министрите на Владата на Северна Македонија кои што се присутни на оваа средба. 

Како што истакна и премиерот Петков, навистина и јас сум задоволен од денешните состаноци. Имавме пленарна средба, но уште поважно е што самите министри работеа во работни групи на конкретни проекти и идеи кои што треба да се развиваат во наредниот период.

Првата група, односно групата во економската област, особено во делот на енергетиката, во делот на трговијата, инвестициите, туризмот и во земјоделието, веќе има направено план на активности за наредните месеци.

Истото се однесува и на министрите од групата за култура и образование каде што исто така имаме конкретни проекти кои што ќе значат унапредување на соработката меѓу високообразовните институции од двете држави.

Предвидено е воспоставување на научни конференции особено во делот на природните науки каде што ќе може да се унапредува техничкото и знаењето во другите природни науки што многу влијае на развојот на економијата и индустријата.

Во делот на евроинтеграциите, бидејќи Бугарија е веќе 15 години членка на ЕУ од големо значење за нас е искуството кое што може да биде применето од наша страна во процесот за членство.

Добро е што веќе има и план за неделно среќавање на секторските експерти и поважно е што уште на првите средби ќе бидат вклучени и претставници на општествените институции како што се стопанските комори, образовните, културните институции, и низ конкретна соработка во реалниот сектор да се почувствуваат бенефитите од оваа соработка.

На самиот крај, би сакал да се заблагодарам и на Историската комисија која зеде учество на оваа средба двајцата копретседавачи кои најавија интензивирање на нивната работа.“