28/03/2024
Македонија

Кривична пријава против шест физички и пет правни лица од Прилеп кои го оштетиле државниот буџет за околу 3,5 милиони денари

ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против Б.Т.(46) од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „намерно предизвикување стечај“ и „оштетување и повластување на доверители“, против Е.Ц.(46), Ф.Т.(27), Е.Т.(30), О.Х.(33) и Д.Н.(27), сите од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „намерно предизвикување стечај“, во врска со „помагање“ и „оштетување и повластување на доверители“, во врска со „помагање“ и против пет правни лица од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „намерно предизвикување стечај“ и „оштетување и повластување на доверители“.

Во периодот од 2014 до 2019 во Прилеп, првопријавениот, како корисник на деловни простории под закуп, континуирано стопанисувал со два угостителски објекта. За да избегне плаќање на даноци, придонеси и други јавни давачки од дејноста која ја врши, тој основа фирми и подружници на две адреси на негово име и на други лица, ангажирани како помошен персонал, со намера да ги доведе во заблуда инспекциските органи дека врши дејност согласно законските прописи и дека води деловни книги, за да плаќа задолжителни обврски кон државата, даноци по разни основи.

Секогаш кога одредена фирма ќе создаде обврски за плаќање кон државата, прикажано во тековното работење или задолженија по извршени контроли од УЈП, тој секогаш располагал со нова фирма и дејноста ја префрлал и ја водел на новата фирма. Претходната фирма, оптоварена со обврски со помош на лицата на кои се регистрирани фирмите, со предлог за стечај, од причина што нема имот – се ликвидираат, или пак, остава Централен регистар по службена должност да ги избрише по член 552-а и 552-б од Законот за трговско друштво, со што била предизвикана вкупна материјална штета 3.464.054 денари на Буџетот на Република Северна Македонија.