20/05/2024
Македонија

Кривична пријава за криумчари на мигранти

Националната единица за сузбивање криумчарење мигранти и трговија со луѓе, при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, во врска со настанот од 25-ти минатиот месец, кога при собраќајна незгода починаа двајца илегални мигранти, а 12 беа тешко повредени, поднесе кривична пријава против четири лица и тоа: Ќ.Н. (31), Џ.Н. (33) , М.Н. (21) тројцата од Скопје и П.П. (39) од Гевгелија, заради постоење на основи на сомнение дека сториле кривични дела „Организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ по член 418-в став 1 и ст 2 и “Криумчарење на мигранти“, по член 418-б став 3 од КЗ на РМ.

Имено, со цел стекнување на противправна имотна корист пријавените организирале криминална група за криумчарење на илегални мигранти што потоа нелегално биле пренесувани од територијата на Р.Грција во Р.Македонија, каде биле прифаќани од страна на членовите на криминалната група предводена од Ќ.Н., а потоа мигрантите ги превезувале кон липковско-кумановскиот регион, каде времено ги засолнувале и ги криумчареле кон Р.Србија и земјите на ЕУ.

Според документираните сознанија, на 22-ри минатиот месец пријавените Ќ.Н. и М.Н., по претходен договор со Џ.Н. од правно лице од Скопје купиле товарно моторно возило “Ивеко“ со скопски регистерски ознаки на име на третопријавениот, а потоа возилото со купопродажен договор го префрлиле на име на П.П. со цел прикривање на трагите на сопственост на возилото .

По префрлување на група од 23 илегални мигранти преку т.н. “зелен појас“од Р.Грција во Р.Македонија, на 25.06., согласно претходниот меѓусебен договор на членовите на криминалната група, П.П. со возилото “Ивеко“од с.Богородица, преку Валандово и т.н. “Валандовско брдо“, се упатил на договорена локација во близина на с.Костурино, Струмичко, каде што биле 23 мигранти. П.П. ги прифатил мигрантите по потекло од Бангладеш и Шри Ланка, ги сместил во затворениот-товарен дел од возилото и се упатил кон Штип со намера да ги превезе до кумановско-липковскиот регион.

При транспортот заради неприлагоденост на условите и конфигурацијата на патот, П.П. изгубил контрола над возилото и со голема брзина удрил во метална заштитна ограда, поради што од силината на ударот на лице место починале двајца од 23-та илегални мигранти кои ги превезувал, додека 12 биле тешко повредени. По случувањето на собраќајната незгода, П.П. искористил згодна прилика и успеал за побегне од местото на незгодата.

По превземени мерки и активности врз основа на издадени Наредби за преземање на истражни дејствија, извршени се претреси на три локации од кои две во Скопје и една во Гевгелија. Лицата П.П. и Џ.Н. се лишени од слобода.